Македонската кошаркарска репрезентација ги почна подготовките за ноемврискиот ФИБА „прозорец“, во кој нашата селекција ќе одигра два натпревари во претквалификациите за Евробаскетот во 2029 година.

ФОТО: МКФ

Со оглед на краткото временско „растојание“ до првиот меч, селекторот Марјан Илиевски и неговите соработници предвидоа неколку мини подготовки.

Инаку, Македонија ги стартува овие претквалификации со домашниот дуел против Азербејџан на 27 ноември во 19 часот, додека вториот меч го играме на гости кај Ирска на 30 ноември. Во нашата група е и селекцијата на Луксембург.

Инаку, за овој претквалификациски циклус, селекторот Илиевски на располагање ќе го има новиот натурализиран кошаркар, Американецот Омари Мур, кој ги брани боите на евролигашот Валенсија. Покрај него, тука се и Војдан Стојановски (МЗТ Скопје), Андреј Магдевски (МЗТ Скопје), Стојан Ѓуроски (Работнички), Бобан Стајиќ (Пелистер), Андреј Митревски (Пелистер), Лука Стојановски (Пелистер), Виктор Ташовски (ТФТ Скопје), Страхил Николов (ТФТ Скопје), Теодор Симиќ (Кожув), Адем Мекиќ (Бора  Косово), Ваљмир Какруки (Сигал Приштина  Косово), Лејсон Зеќири (Башкими  Косово), Андреј Јакимовски (Тренто  Италија), Џејкоб Вајли (Ритас  Литванија).

Што се однесува до новајлијата во составот, Омари Камау Мур (25 години) како што е неговото целосно име, беше дел од развојниот тим на Милвоки во 2023 година, како и на Торонто, од каде што се пресели во Европа, во тимот на Дарушафака. Во екипата од Турција одигра 30 меча, со просек од 15,7 поени, 5,3 скока и 5,5 асистенции. Ова лето го облече дресот на Валенсија и добива солидна минутажа во која бележи во просек по 13 поени во Евролига.

 

ИЗДВОЕНИ