Рускиот кошаркар Данил Касаткин ќе биде екстрадиран во Соединетите Американски Држави, одлучи судот во Париз. Одлуката за екстрадиција се чекаше околу четири месеци и, на крајот, беше одлучено Франција да го екстрадира Касаткин, кој е обвинет дека е член на позната хакерска група.
Иако адвокатот на рускиот кошаркар нагласи дека „сето тоа било недоразбирање“ и дека ситуацијата ќе се реши во корист на неговиот клиент, Касаткин сепак ќе биде екстрадиран на американските власти, каде што ќе му се суди и ќе се соочи со потенцијална казна од 25 години затвор.
Во втората половина на јуни, Данил Касаткин беше осомничен за учество во хакерска група која наводно извршувала напади користејќи таканаречени „програми за рансомвер“. Кошаркарот ги негираше сите обвиненија, велејќи дека купил сметка од втора рака и дека можел да биде хакиран, и дека сè му било наместено, но очигледно тоа не било доволно за да се ослободи Русинот.
Претходно побарал да биде ослободен со кауција, што исто така му било одбиено, а не помогнало ниту тоа што на сослушувањето изјавил дека ослабел многу и дека тоа ќе влијае на неговата професионална кошаркарска кариера.
Данил Касаткин е роден во 1999 година и своевремено беше член на младинските категории на ЦСКА. Како перспективен кошаркар, тој заминал во САД каде што играл на колеџот Пен Стејт, но не можел да стигне до НБА. Последниот клуб за кој играше беше МБА-МАИ, кој се натпреварува во руската ВТБ-лига.





