Марта Кос, европската комесарка за проширување, денес оцени дека изјавата на министерката за државна администрација и локална самоуправа на Србија, Снежана Пауновиќ, за етничкото чистење на Косово, е „ужасна“ и рече дека не може да замисли дека може да продолжи да ја извршува својата министерска функција по таква јавна изјава.
– Беше ужасно да се слушне нешто такво во 2026 година. Нема да го повторам она што го кажа. Не можам да замислам дека една министерка може да продолжи да ја врши својата работа по таква јавна изјава – рече Марта Кос, одговарајќи на прашања од пратениците за време на дебатата во Комитетот за европски демократски штит (EUDS) на Европскиот парламент.
Како што рече, Европската комисија сè уште верува дека местото на Србија е во Европската Унија (ЕУ), но дека очекува јасни политички сигнали и продолжување на реформите.
– Забележавме некои мали подобрувања кога станува збор за процесот на избор на членови на Советот на Регулаторното тело за електронски медиуми, како и корекции на измените на судските закони кои беа многу лоши – изјави Марта Кос, објави Радио-телевизија Србија.
Таа особено ја истакна важноста на усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, наведувајќи дека со српските власти е договорено постепено зголемување на нивото на усогласување.
– Очекуваме Србија да испрати јасен сигнал за тоа на која страна од историјата сака да биде – изјави Марта Кос.












