Кос се нуди за медијатор – Скопје сака дијалог, Софија диктира услови

Бугарија и Македонија треба да разговараат и да најдат решение за билатералното прашање, порача еврокомесарката за проширување, Марта Кос, во пресрет на денешното гласање за извештајот за напредокот на земјава во Комитетот за надворешни работи (АФЕТ). Кос се понуди да биде медијатор во овој процес, додека Бугарија диктира услови и останува на цврстите позиции дека нема што повеќе да се преговара околу т.н. француски предлог, со кој се согласила и Македонија. Македонската страна инсистира на заштита на идентитетските прашања и бара европска коректност во процесот. Тоа како ќе помине гласањето за извештајот ќе биде гласен сигнал за иднината на преговорите, но и за квалитетот на европските вредности

817

Наспроти ставовите на бугарските политичари дека нема што повеќе да се преговара околу т.н. француски предлог, еврокомесарката за проширување, Марта Кос, порача дека Бугарија и Македонија треба да разговараат и да најдат решение за билатералното прашање, а Кос се понуди да биде медијатор во овој процес. Во воведното обраќање на дебатата со членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент посветена на проширувањето на ЕУ, состојбите во Украина и соседската политика на блокот, еврокомесарката ја реафримираше посветеноста на Унијата на проширувањето, посочувајќи ја потребата од усвојување на уставните измени, но и од дијалог на релација Скопје – Софија.

– Наша политичка цел е да ги започнеме преговорите со Македонија по кластерот „Основни вредности“ штом ќе бидат усвоени потребните уставни измени. Бугарија и Македонија треба да почнат да разговараат интензивно и да најдат решение за ова билатерално прашање. Јас стојам на располагање, како олеснувач, ако е потребно – истакна Кос.

Таа додаде дека денес живееме во време на длабока трансформација на меѓународниот поредок и дека само за шест месеци од почетокот на нејзиниот мандат, глобалниот пејзаж се променил драматично, па затоа, во интерес на безбедноста и на иднината на континентот, потребно е „да заврши обединувањето на Европа“.

– За мене, проширувањето е многу повеќе од само проширување. Туку станува збор за обединување на Европа. Тоа не е само морална неопходност туку и јасен услов за посилна и побезбедна Европа. Проширувањето во овој контекст оди подалеку од традиционалниот поглед и станува средство за обединување на Европа околу заедничките вредности и принципи – рече Кос и додаде дека во тој контекст, ЕУ треба да биде подготвена да проектира стабилност и мир на целиот континент и во европското стратешко соседство во Централна Азија и на Медитеранот.

Бугарски европратеници: Нема билатерално прашање, проблемот е во Скопје

Веднаш реагираа бугарски европратеници. Андреј Ковачев од ГЕРБ изјави дека нема билатерален проблем меѓу Софија и Скопјe и потенцира дека преговарачката рамка со земјава е одобрена од 27 земји од ЕУ, вклучително и земјава како кандидат.

– Жалам што граѓаните на Република Северна Македонија губат толку многу време поради неспроведувањето на заклучоците на Советот на ЕУ од 2022 година – ја пренесоа бугарските медиуми изјавата на Ковачев.

Станислав Стојанов од ултрадесничарската Преродба додаде дека во 2022 година Бугарија го укинала ветото на процесот на пристапување кон земјава и дека ако има билатерални проблеми, тие се меѓу Македонија и ЕУ. Тој истакна дека, како известувач во сенка, побарал истрага за протекувањето информации во врска со подготовката на извештајот на ЕП за напредокот на земјава.

– Наидовме на сериозни прекршувања, се покажа дека РСМ активно работи на изготвување на документот – објасни Стојанов.

Ивајло Валчев од ИТН рече дека е шокиран како било коментирано за еден амандман на извештајот – кој го предложил тој писмено – следниот ден, од македонскиот премиер, Мицкоски.

Македонија не прифаќа редефинирање на идентитетот

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека и тој и министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, имале бројни телефонски разговори со претставниците на сестринските партии во ЕП, но не сакаше да коментира повеќе во пресрет на гласањето на членовите на Комитетот.

– И јас и министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, имавме бројни телефонски разговори со сестринските партии во Европскиот парламент, во текот на вчерашниот ден. Имаме информации како ќе гласаат, но засега не сакам да коментирам повеќе – изјави вчера Мицкоски.

Македонската претседателка, Гордана Сиљановска-Давкова, пак, вчера изјави дека очекува во Европскиот парламент (ЕП) да биде поддржана резолуцијата што ги гарантира македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Во спротивно, како што истакна, одговарајќи на новинарски прашања, тоа многу лошо ќе зборува за демократскиот капацитет на ЕП. Сиљановска-Давкова смета дека во извештајот за напредокот на земјава реално ќе биде отсликана ситуацијата. Одговарајќи на новинарски прашања, таа рече дека „овој пат како да има многу поголема ангажираност, посветеност и одговорност, можеби зашто се зборува за извонредно познавање, добра намера и разбирање на сите процеси и односи што се случуваат“.

– Мислам дека е многу важно тоа, кога ќе читате еден извештај, да видите дека е реален, да му верувате, да видите дека некој одговорно се однесувал кон интерпретацијата, кон собирањето на податоците, оти тоа е здраво и стимулативно и за нас, ама и за сите други – истакна Сиљановска-Давкова.

Претседателката оцени дека резолуцијата за Македонија што ја изгласа бугарскиот Парламент е навредлива и со неа во старт се оневозможува заедничкото чекорење низ дијалог. Сиљановска-Давкова сè уште не може да прецизира дали на претстојниот самит на НАТО во Хаг ќе има средба со бугарскиот колега.

Извештајот, кој, по денешното гласање, се очекува да биде дефинитивно ратификуван на пленарната седница на Европарламентот во јули, изминатиот период ја заостри реториката на релација Скопје – Софија. Бугарски и грчки европратеници го поднесоа најголемиот број амандмани на извештајот, од вкупните 313 поднесени. Најмногу прашина крена бугарскиот европратеник од ГЕРБ, Андреј Ковачев, кој сака во извештајот да се вметне амандман што ќе го дефинира македонскиот идентитет како „сегашен“, за што премиерот Мицкоски рече дека е обид да се редефинира нашиот многувековен идентитет како сегашен. Тој е дециден дека никогаш нема да го прифати тоа.

Ковачев деновиве потенцираше дека Македонија „губи време“ со тоа што, преку лобирање во Европскиот парламент, бара да се признаат нејзиниот многувековен македонски идентитет, јазикот и културното наследство, затоа што, како што изјави за БНТ, „Европскиот парламент или кој било друг парламент во светот не е научна институција што ќе дава оценки“.

Минатата недела, и бугарското Народно собрание, со апсолутно мнозинство од 194 гласа „за“, одобри резолуција за напредокот на Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија, во која се потенцира дека првиот значаен чекор во врска со напредокот на Македонија кон ЕУ е „вклучување на Бугарите во Уставот, на рамноправна основа со другите народи во земјата“. Но, исто така, бугарското Народно собрание предупредува и дека обврските наведени во европскиот компромис од 2022 година се далеку од тоа да бидат ограничени само на уставни измени, туку наведуваат дека резолуцијата содржи голем број други клучни елементи.

Бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев, пак, порача дека нема план Б за Македонија за спроведување на преговарачката рамка и дека нема да отстапи ниту сантиметар од договореното во 2022 година. Претходно, остра реторика во македонското Собрание имаше и премиерот Мицкоски, кој порача дека додека е премиер, нема да мрдне ни милиметар во однос на позициите за уставните измени додека не види Македонец во бугарскиот Комитет за малцинства. (В.С.Н.)

 

 

ИЗДВОЕНИ