Кос се лизна на пиперките – идентитетот не е мени, ниту е на мени!  

Изјавата на еврокомесарката Марта Кос, во која идентитетот го поврза со традиционални јадења и носии, наиде на жестоки реакции во Македонија. Јавноста, политичарите и аналитичарите предупредуваат дека националниот идентитет е резултат на децениска, историска борба, а не симболичен фолклор. Наместо охрабрување за македонската позиција во ЕУ, коментарите на Кос се доживеани како релативизирање на суштински прашања. Иако дел од опозицијата ја брани со став дека немала лоша намера, многумина сметаат дека дипломатите мора да бидат далеку повнимателни кога се зборува за идентитет

434

Бурни, жестоки и поделени реакции во македонската јавност предизвика изјавата на еврокомесарката за проширување, Марта Кос, која при посетата во Скопје рече дека идентитет за Македонците се и манастирите во земјава, погачата, тавче-гравчето, пинџурот или полнетите пиперки. Иако таа нагласи дека „идентитетот никогаш не може да стане предмет на политичко одлучување“ и го опиша како нешто што го носиме „во душите, срцата и чувството за татковина“, сведувањето на идентитетот на традиционални јадења, дел од јавноста го доживеа како банализирање на прашањето за националниот македонски идентитет, во услови кога земјава жестоко се бори за негова заштита и зачувување. Наместо јасна и принципиелна позиција за спорот околу македонскиот јазик и идентитет, Кос се задржа на општи формулации кои, според критичарите, повеќе служат за одржување на статус кво отколку за вистинска поддршка. Изјавата отвори нова дебата за искреноста на европскиот пристап кон македонските прашања и ја заостри критиката кон Брисел во период на зголемена чувствителност. Поделени се ставовите и кај политичарите и кај аналитичарите.

Опозиционерите во одбрана на Кос – немала лоша намера

Премиерот Мицкоски денеска пред медиумите рече дека тој неговиот став го кажал веднаш по изјавата на Кос и сега останува на јавноста да суди. Од друга страна, од опозициската СДСМ преку соопштение изразија поддршка за Словенката која ја разбранува македонската јавност. Велат дека Кос немала лоша намера.

-Очекувавме еврокомесарката Кос да го истакне она што ЕУ самата го има потврдено во сите документи и сите договори, а тоа е дека македонскиот јазик и идентитет се целосно признати од Унијата. Ова е неоспорен факт, ние како граѓани на Македонија знаеме кои сме, што сме и од каде потекнуваме. Како јазикот, така и идентитетот се јасно потврдени во сите веќе потпишани договори со ЕУ. Не сметаме дека еврокомесарката имала лоша намера, но апелираме кога се говори за чувствителни прашања и теми, кои за жал, непотребно се отвораат, иако се јасно затворени, да се биде внимателен во изјавите, стои во соопштението од СДСМ.

Со поддршка се јавија и од албанската опозиција. Од ДУИ порачаа дека Марта Кос е искрен и значаен пријател на нашата држава и ја обвинија Владата дека ја пропуштила шансата да ја препознае оваа можност и да ги зајакне овие врски.

-Не смееше да се дозволи изјавата на Комесарката дека „идентитетот не е предмет на политички условувања, туку суштина на човековото достоинство и израз на неговата посебност“, да стане цел на кампања на омраза и потсмевање. Уште помалку, таа реакција да биде поттикната од извори блиски до власта. Особено загрижува фактот што Министерот за европски интеграции, Орхан Муртезани, не сметаше дека е потребно јавно да го одбрани овој став, ниту да го истакне значењето на вредностите кои се темел на институцијата што ја раководи, велат Интегративците и додаваат дека Муртезани има суштинска одговорност: да го брани европскиот курс, а не да молчи кога тој е нападнат.

Европски земји оспоруваат идентитет во 21 век

Муртезани, пак, во телевизиско гостување рече дека изјавата на еврокомесарката Кос ја отсликува европската перцепција за идентитетот како нешто што е природно, препознатливо и неоспорно.

-Тоа е начинот на кој во Европа се перципира идентитетот – како нешто што се знае дека е ваше, дека припаѓа на одредено поднебје и не се доведува во прашање, туку се прифаќа и почитува, изјави Муртезани во гостување на Сител Телевизија.

Тој посочи дека таквиот пристап не важи за Балканот, особено не во односите со Бугарија, каде што, според него, се прават обиди за редефинирање на македонскиот идентитет преку европски документи.

-Во нашите односи со Бугарија, дури и една обична резолуција без обврзувачки карактер се проблематизира. Се инсистира да се стави зборот „модерен“ пред идентитетот и јазикот на државата – што е обид за диктирање на идентитетот од трета страна, рече министерот и додаде дека ваквите барања се спротивни на основните принципи на Обединетите Нации и на европските вредности, и дека нивното прифаќање би значело сериозен удар врз преговарачкиот процес.

Шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека за жал, и во 21 век идентитетот е категорија која земји што се нарекуваат европски се обидуваат да ја оспорат.

-Посебно во овој регион идентитетот е сложена категорија. Да, за жал, и во 21 век е категорија која земји што се нарекуваат европски се обидуваат да ја оспорат, но за нас нема дилема дека историските личности како Делчев, Груев, Сандански се дел од нашиот идентитет како што се и прекрасните манастири, преубавите џамии. Нашиот идентитет е и соживотот, но и јазикот што го зборувале нашите баби и дедовци, прабаби и прадедовци и апсолутно никој нема право да го оспори тоа, односно, да го оспори нашето право да го почитуваме она што е дел од нас како Македонци, рече министерот и посочи дека премиерот Христијан Мицкоски беше кристално јасен, дека нашиот идентитет се нашиот јазик, нашата историја и нашата многувековна култура градена низ комплексни, тешки времиња која е најголемото богатство што го имаме како држава.

Несмасна изјава на еврокомесарката

Директорот на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Александар Кржаловски, во изјава за Дојче веле посочува дека најголем дел од реакциите на изјавата на Марта Кос се однесуваат на последниот дел од неа – за тавче-гравчето и пинџурот.

-Но се превидува почетокот, кој гласи: „Идентитетот, според мене, никогаш не може да стане предмет на политичко одлучување“. И тоа треба да ја определува позицијата на ЕУ кон ова прашање, како што, впрочем, многупати ја повториле и поранешниот амбасадор на ЕУ кај нас Дејвид Гир, сегашниот Михаил Рокас, како и високите претставници на ЕУ, кои беа во посети кај нас неодамна: Урсула фон дер Лајен, Антонио Кошта и Каја Калас, потсетува Кржаловски и појаснува дека проблемот е што идентитетот е суштината на недоразбирањето со Бугарија.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу во телевизиско гостување рече дека изјавата на Кос била несмасна и не смета дека таа го ограничила идентитетот на јадење.

-Можеби била уморна, не верувам дека намерно го сторила тоа. Првата реченица е таа што укажува дека членството или зајакнувањето на позицијата на Македонија во ЕУ е тоа што ја гарантира неоспорноста на овие прашања, а не заштитата. Првата реченица што ја кажала е добра намера, втората сакам да ја прифатам како несмасна. Нам ни треба пријателство блиско со неа. Не треба да наседнеме на тој наратив. Помеѓу нас и Бугарија нам ни се брза да станеме дел од ЕУ и да не наседнуваме на ниски провокации, изјави Муслиу во гостување на Канал 5 телевизија.

Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, при посетата на Македонија изјави дека идентитетот никогаш не може да стане предмет на политичко одлучување и дека идентитет за Македонците се и манастирите во земјава, погачата, тавче-гравчето, пинџурот или полнетите пиперки. Премиерот Мицкоски, веднаш потоа порача дека покрај прекрасната македонска кујна, за него идентитет се и Гоце Делчев, Шапкарев, Миладиновци, Илинденското востание, Дамјан Груев, Јане Сандански… (В.С.Н.)

ИЗДВОЕНИ