Доделени традиционалните награди на Друштвото на писателите на Македонија

Како што истакна претседателот на ДПМ, Живко Грозданоски, за разлика од минатата година, кога на конкурсот на писателската асоцијација биле пријавени 46 книги, годинава има подобрување, односно 53 биле во конкуренција за наградите „Стале Попов“, „Ацо Шопов“, „Ванчо Николески“, „Димитар Митрев“ и „Мост“

Романот „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска („Арс Ламина“) ја доби наградата „Стале Попов“, „Вообразби (лирски етиди од некој друг свет)“ од Бранко Цветкоски („Макавеј“) – наградата „Ацо Шопов“, „Илина и тајните на Бабин заб“ од Хана Корнети („Или-или“) се закити со „Ванчо Николески“, на книгата „Книжевни созвучја и огледала“ од Елизабета Шелева („Сивејан“) ѝ припадна наградата „Димитар Митрев“, додека „Инфинитивна поука“ од Ахмет Селмани („Академска мисла“) ја освои наградата „Мост“. Ова се добитниците на петте традиционални годишни награди на Друштвото на писателите на Македонија за 2025, кои беа објавени на денешната прес-конференција во писателската асоцијација.

Како што истакна претседателот на ДПМ, Живко Грозданоски, за разлика од минатата година, кога на конкурсот за наградите биле пријавени 46 книги, годинава има подобрување, односно 53. Конкурсот бил отворен во декември лани, а по 25 истиот месец следувала седница на УО на ДПМ, како и конституирање на жири-комисиите.

За наградата за најдобро прозно дело „Стале Попов“, жири-комисијата во состав: Соња Стојменска-Елзесер (претседателка), Снежана Младеновска-Анѓелков и Давор Стојановски (членови) со мнозинство го избрала романот „Три Марии“ од Ќорвезироска. Како што се посочува во образложението, „Три Марии“ е вешто исткаено четиво кое под површината загатнува безброј отворени и веројатно никогаш докрај објасниви прашања за љубовта, сексуалноста, партнерството, семејството, страстите и емоциите… Роман за љубовта, но не љубовен, туку психолошко-аналитичен; роман за изборите во животот, за жртвите и надежите, за копнежите по среќа…

– „Три Марии“ е проза што ја преиспитува комплексноста на љубовта, движечката енергија на животот. Три Марии, три женски судбини, три свадби: една селска, во Карабичане; една во нудистички камп на јадранскиот брег, и една во луксузен скопски хотел.

Од комисијата додаваат дека романот „Три Марии“ посебно се издвојува од годинашнава прозна продукција со стилската перфекција и со раскрилувањето на потенцијалите на јазикот, кој под перото на Ќорвезироска понира во замрсените емотивни јазли на женските ликови и во сите три приказни се реализира со посебна наративна техника: раскажување во трето лице, во јас-форма и во облик на обраќање.

–Реминисценцијата на македонскиот книжевен класик, Славко Јаневски, која го интригира читателското очекување уште од самиот наслов, има функција да укаже на вкоренетоста на творештвото на авторката во богатата традиција на македонската проза. Паралелно со тоа, целиот роман дише со доверба во можностите на македонскиот јазик, кој при вешти раскажувања/баења се стекнува со магична/естетска моќ и им парира и на најсуптилните филмски кадри, како што потврдува третиот дел од романот, за кој може да се рече дека претставува сугестивна адаптација на визуелниот медиум во литература, додаваат од жирито.

Покрај, „Три Марии“, во финалето за „Стале Попов“, беа и „Единаесет проверени начини како да ја заебеш љубовта“ од Драгана Лукан Николоски („Чудна шума“), „Кривата Дијана“ од Фросина Пармаковска („Арс Ламина“) и „Арагон“ од Михајло Свидерски („Антолог“).

За наградата за најдобра поетска збирка „Ацо Шопов“, пак, одлучуваше жири во состав: Иван Џепароски (претседател), Ристо Василевски и Милован Стефановски (членови). Тие едногласно ја одбраа „Вообразби: лирски етиди за некој друг свет“ од Цветкоски.

– Со оваа своја книга, Бранко Цветкоски кон својот суптилен и тивок „молитвен веј“ на зборовите, познат од неговите претходни стихозбирки, придодава и една нова димензија на сопствената поезија, онаа на суверената имагинативност, односно на „вообразбата“ или на „фантазмата“, која станува врвен принцип за сите можни светови, и за овој земниов и за оној небесниот. Метафизичкиот строеж на спокојните стихови на Цветкоски пленува со својата продлабоченост, префинетост и музикалност, покажувајќи ни по којзнае кој пат дека вистинската и врвна лирска поезија умее да нè вознесе и да нè оттргне од баналноста и од тривијалноста на неосмисленото живеење, но и дека со својата автентичност на доживувањето на светот, поетот може да ја оствари и толку посакуваната хармонија меѓу мислењето и пеењето. „Вообразби“, несомнено, суверено го остваруваат овој врвен поетски стремеж, истакнуваат во образложението за наградата.

Освен „Вообразби…“, финалисти за „Ацо Шопов“ беа и „Часови без часовник“ од Владимир Мартиновски („Арс Ламина“) и „Чувари на малите нешта“ од Ана Пејчинова („Или-или“).

Наградата за најдобра книга за деца и млади, „Ванчо Николески“, ја оценуваше комисијата во состав: Симона Јованоска (претседателка), Искра Донева и Ванчо Полазарески (членови) кои едногласно се одлучија победник за 2025 година да биде „Илина и тајните на Бабин Заб“ на Хана Корнети.

Победничката книга е продолжение на успешната серија за авантурите на Илина, девојче кое низ приказната се соочува со комплексноста на детството, растењето, волшепството и самоспознавањето. Корнети создава двојни светови – обичниот, секојдневниот, светот на Илина на училиште меѓу своите другари и врсници, како и волшебниот, каде Илина учи мудрост, храброст и способност за носење на одлуки.

– Особено впечатлив е начинот на кој авторката ги продлабочува карактерите на ликовите. Илина не е идеализирана хероина, туку реално и човечки прикажан лик со стравови, надежи и желби, девојче што ја сака музиката и преку неа комуницира со блиските, но и со светот, се вели во образложението на жирито.

Додаваат и дека Корнети успева да балансира помеѓу забавата и едукативната вредност на текстот, нудејќи им на младите читатели свет кој е магичен, но и релевантен за реалниот живот.

– Книгата ги промовира вредностите на пријателството, емпатијата и самопознанието, а истовремено ги поттикнува читателите на критичко размислување и длабоко фантазирање. Победата ја потврдува значајната улога на Корнети во современата литература за деца и млади, како авторка која умешно создава текстови што се истовремено интригантни, оригинални, вредносни и книжевно извонредни, истакнуваат од жирито.

Во финалето за „Ванчо Николески“ беа и „Тринаесеттиот“ на Лидија Димковска („ТРИ“) и „Џинџуџе“ од Ермис Лафазановски („Арс Ламина“).

За наградата за критика и есеј „Димитар Митрев“, жири-комисијата во состав: Наташа Аврамовска (претседателка), Анастасија Ѓурчинова и Ангелина Бановиќ-Марковска (членови) едногласно ја избраа „Книжевни созвучја и огледала“ на Шелева.

– Книгата ја чинат дваесет и три студии и соопштенија. Првиот дел на книгата, „Споредбени студии и истражувања“, е во битна смисла стожерен, составен од единаесет компаративистички проследувања. Она што им е заедничко како структура на промислувањето на студиите во овој прв дел од книгата е тоа што исходишниот фокус врз одредено дело или авторски опус секогаш одново, во одделните студии, се разгледува во дослух и со дела на други автори од други културни средини, напишани на други јазици, а притоа, секако, врз креативното и умешно изнајдено начело на нивната сродност… Вториот дел од книгата го чинат беседи и слова со кои авторката во текот на изминатите години се огласува во однос на значајни книжевни настани, та низ автентична критичка визура проследува значајни, „канонски“ дела  и опуси. Третиот дел на книгата, „Интермедијални љубопитства и релации“, доминантно го чинат текстови испишани во настојувањето за интермедијално промислување на уметноста, односно, уметностите. Тука се вброени и теми и аспекти на културолошкото промислување на книжевната сцена, но и на доминантниот миг на културата воопшто, на Знаењето во тој контекст, та во оваа смисла крајот на книгата и самиот вдахновено ги пренебрегнува и контаминира границите на жанрот на книжевно-критичката промисла, истакнуваат во образложението.

Инаку, за наградата „Димитар Митрев“ финалисти беа сите четири дела пријавени на конкурсот на ДПМ, што е за две помалку од лани. Покрај книгата на Шелева, во финалето беа и „Филмско око“ од Игор Анѓелков („Или-или“), „Час по незадолжителна лектира“ од Весна Мојсова-Чепишевска („Матица македонска“) и „Враќањето на Орфеј“ од Сузана В. Спасовска („Полица“).

За наградата „Мост“ за книга објавена на некој од јазиците што ги зборуваат заедниците во Македонија, одлучуваше комисија во состав: Делвина Крлуку (претседателка), Олег Дементиенко и Гордана Јовиќ Стојковска (членови). Тие едногласно ја избраа „Инфинитивна поука“ од Ахмет Селмани.

– Понуденото поетско дело (во избор и превод на авторот) претставува концептуално заокружен циклус во кој инфинитивот функционира како централна поетска и филозофска. Сите песни се поврзани во јасна и цврста целина што овозможува поезијата да се чита не како збир на одделни текстови туку како единствено поетско движење со внатрешна логика и постепено отворање простор за продлабочување, се вели во образложението на комисијата.

Додаваат дека причините за избор на оваа поетска книга се повеќеслојни и се однесуваат токму на она што е најважно за еден сериозен книжевен зафат: концепт, кохерентност, препознатливост и долгорочна вредност.

За „Мост“ беа пријавени и книгите „Проникнување на тишината“ од Љерка Тот Наумова („Академска мисла“) и „Татковината: маж без жена“ од Каљош Челику („Сојуз на писатели Албанци на Македонија“). Претседателката на комисијата за наградата „Мост“, Делвина Крлуку, на прес-конференцијата испрати апел до Министерството за култура за поддршка за превод на книгата победник на оваа награда на македонски јазик.

Врачувањето на наградите на добитниците е најавено за 13 февруари, во 12 часот, кога ДПМ ќе одбележи 79 години од своето постоење. (Н. И. Т.)

ИЗДВОЕНИ