Сите љубители на спортот, овие денови, својот фокус ќе го насочат кон Милано и Кортина Д’Ампецо, местото каде што ќе се одржат Олимписките игри (од 6 до 22 февруари). Но, воведот во овој спортски спектакл е – донекаде драматичен.
Имено, четири играчи на финската хокеарска репрезентација, која го брани златниот медал, развиле симптоми на посериозна инфекција во ноќта помеѓу 3 и 4 февруари, поради што нивната репрезентација ги откажала тренинзите и комуникацијата со печатот, објавува „Илталехти“.
Изолација, како кога се појави ковид 19
Болните играчи и нивните „колеги“ се изолирани во Олимпиското село, изјави докторката на финската репрезентација, Марит Валтонен. Според неа, постои можност да станува збор за норовирус, вид вирус што може да се пренесе преку храна, контакт со заразена површина или преку воздух, па затоа е невозможно да се проследи изворот на инфекцијата.
А што ако не е корона, туку норовирус?
Сите веќе знаеме како „функционираше“ ковид 19 и колку проблеми може да предизвика, првенствено во функционирањето на респираторниот систем. Што се однесува до норовирусот, исто така е многу заразен, а факт е дека предизвикува гастроентеритис – воспаление на желудникот и цревата. Симптомите обично вклучуваат гадење, повраќање, дијареја и грчеви во стомакот. Вирусот лесно се шири во затворени простори како Олимпиското село, каде што спортистите живеат во непосредна близина едни до други.
Инкубациониот период е обично од 12 до 48 часа, а болеста обично трае од еден до три дена. Сепак, заразените лица можат да бидат заразни неколку дена по закрепнувањето, што предизвикува сериозни проблеми за Финците…
Тежок почеток за бранителите на златните медали
Финска го освои златниот медал на Олимписките игри во Пекинг во 2022 година, но во тоа натпреварување не учествуваа играчи од НХЛ. Сега, за првпат од Сочи во 2014 година, хокеарите од НХЛ учествуваат на Зимските олимписки игри, па затоа не е лесно за Финска да ги оправда своите амбиции за ново злато.
Гореспоменатиот здравствен проблем доаѓа во најлошото можно време за Финците. Нивниот прв натпревар против моќната Канада би можел да биде клучен за нивните надежи за медал, ако воопшто го одиграат.
Финска, патем, се натпреварува во групата Б, во која се и Словачка, Шведска и Италија.
Од друга страна, организаторите на Игрите внимателно ја следат оваа ситуација, бидејќи секое појавување на вирусот во Олимпиското село би можело да ги загрози не само другите фински хокеари туку и другите спортисти и натпреварувања.











