Повеќе од половина од корисниците на телекомуникациските услуги се задоволни од цените и од квалитетот, а сумираното задоволство од цените е најголемо кај услугата фиксна телефонија со 69,6 %, по што следуваат услугата телевизија со 63,3 % и интернет-услугата со 62,4 %. Најниско задоволство има од цените на услугата мобилна телефонија со 55,9 %, покажуваат резултатите од испитувањето на јавното мислење од аспект на заштита на корисниците на електронските комуникациски услуги на Агенцијата за електронски комуникации.

Во поглед на задоволството од квалитетот на услугите што испитаниците ги користат, најголемо сумирано задоволство постои за услугата мобилна телефонија со 79,6 %, потоа телевизија со 72,9 %, задоволни од квалитетот на услугата интернет се 70 %, додека најмало задоволство постои од квалитетот за фиксна телефонија, 69,3 % проценти.

Од АЕК велат дека една третина или 33,3 % од испитаниците воопшто не ги читаат договорите што ги потпишуваат со давателите на електронски комуникациски услуги, 35,4 % ги читаат пред да ги потпишат, а 31,4 % ги читаат откако ќе го потпишат или кога ќе настане некаков проблем. Причината што најчесто ја наведуваат за тоа што не ги читаат детално договорите е тоа што не ги потпишуваат лично договорите (32,5 %), немаат навика (21 %) или немаат време (20,8 %).

Повеќе од половина или 59,9 % од испитаниците сметаат дека операторите се придржуваат делумно до потпишаниот договор, додека 18,9 % сметаат дека операторите целосно се придржуваат до потпишаниот договор. Само 20,4 % од испитаниците се запознаени дека АЕК детално ги прегледува стандардните претплатнички договори на сите оператори и ги одобрува.

Најголем дел од испитаниците или 90 проценти користат Интернет преку мобилниот телефон. Во врска со оваа услуга, може да се забележи дека најголем степен на задоволство кај испитаниците има во однос на достапноста и на брзината на мобилниот Интернет (92 проценти), додека понизок во однос на цената на услугата (78 проценти).

Почнувајќи од утре, се предвидува напуштање на дополнителното тарифирање за роаминг услугите, односно се воведуваат цени за роаминг услуги исти како цените на електронските комуникациски услуги.

ИЗДВОЕНИ