Надоместот за Европскиот систем за информации и авторизација на патувања (ETIAS), кој треба да се имплементира кон крајот на 2026 година, ќе биде 20 евра, што е зголемување од претходно најавените седум. Европската комисија кон крајот на минатата недела објави нова такса за патниците кои не се од ЕУ и на кои не им е потребна виза за влез во 30 европски земји.
„Ова зголемување има за цел да ги покрие оперативните трошоци на ETIAS, земајќи ги предвид сите негови функционалности и стапки на инфлација, и да ја усогласи таксата на ЕУ со таксите на другите земји кои имаат слични програми за авторизација на патувања“, порачаа од ЕК.
Системот ETIAS е дизајниран да им го олесни патувањето во ЕУ на граѓаните кои не се од ЕУ и се ослободени од барањето за виза, а воедно да ја подобри безбедноста, соопшти Европската комисија.
Патниците ќе мора да пополнат онлајн апликација пред да патуваат, давајќи лични податоци.
Апликацијата ќе биде обработена автоматски, а патникот ќе добие одлука во рок од неколку минути.
Лицата под 18 години или над 70 години ќе бидат ослободени од плаќање на таксата.
Одлуката е предмет на одобрување од Европскиот парламент и Европскиот совет и ќе стапи на сила откако ETIAS ќе стане оперативен. Системот ETIAS ќе започне со работа кон крајот на 2026 година.