Копенхашките критериуми – црвена линија пред „вето од ракав“

Германската дипломатија повторно ја активира улогата на посредник меѓу Скопје и Софија, со цел да се одржи патот на Македонија кон ЕУ. Посетата на министерот Јохан Вадефул ја потврди силната поддршка на Германија за европската перспектива на земјава. Премиерот Мицкоски инсистира на формални гаранции од ЕУ за да се избегнат нови билатерални вета. Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, пак, потенцира дека се неприфатливи блокади надвор од Копенхашките критериуми. Дипломатскиот дијалог со клучните европски партнери го отвора патот за стабилизирање на пристапниот процес и заштита на македонските интереси

86

Блиц посетата на Македонија на германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, во рамките да турнејата на земјите од Западен Балкан, отвора можност за повторно активирање на Берлин како посредник меѓу Скопје и Софија. Германија ја потврди својата поддршка на евроинтегративниот пат на земјава, нагласувајќи дека напредокот во односите со Бугарија е клучен за продолжување на пристапниот процес. Во исто време, премиерот Христијан Мицкоски повтори дека земјата бара формални гаранции од ЕУ, со цел да нема нови билатерални ветоа кои би го блокирале членството. Пораките од претседателот на Европскиот совет, Кошта, дополнително ја потенцираат важноста на оценувањето на напредокот исклучиво според Копенхашките критериуми, без додатни политички условувања. Во вакви услови, дипломатската активност и дијалогот со клучните европски партнери ја отвораат патеката за стабилизирање на процесот на пристапување и заштита на македонските интереси.

И реномираниот германски весник, Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ), сумирајќи ги резултатите од балканската турнеја на Вадефул, констатира дека од земјите во регионот, разочарувањето најјасно се гледа во Македонија, каде германскиот шеф на дипломатијата ја заврши својата западнобалканска турнеја.

-Земјата го смени името за да го деблокира процесот, но повторно беше блокирана – прво од Франција, потоа од Бугарија. Сега се бара нова уставна промена: бугарското малцинство да биде внесено како државотворен народ. Во Скопје стравуваат дека ова е само почеток на лавина барања што би го одложиле членството во далечна иднина, пишува ФАЦ.

По средбите во Скопје, Вадефул порача дека земјава веќе постигнала многу и Германија ја поддржува на патот кон ЕУ што не секогаш е лесен, но посочува и дека „напредокот во односите со Бугарија е особено важен за да се постигне натамошен успех во процесот на пристапување“.

-Тука во Скопје перспективите на идното пристапување во ЕУ се голема тема. Германија ја поддржува Македонија на овој пат, којшто не е секогаш е лесен. Северна Македонија веќе постигна многу. Сега, напредокот во односите со Бугарија е особено важен за да се постигне натамошен успех во процесот на пристапување, порача шефот на германската дипломатија Јохан Вадефул преку социјалните мрежи, по средбата во Скопје со својот македонски колега Тимчо Муцунски.

Како што соопшти МНРиНТ, Вадефул потенцирал дека целосната европска интеграција на регионот претставува најсилен гарант за долгорочна стабилност, мир и просперитет во Европа.

Вадефул претходно вчера се сретна и со премиерот Христијан Мицкоски, на која станало збор за тековните регионални предизвици и можностите за заеднички иницијативи.

Министерот Муцунски, пак, објави дека со неговиот германски колега ја потврдиле заедничката определба за унапредување на билатералната соработка и пријателските односи меѓу двете земји.

– Посетата на шефот на германската дипломатија на земјава претставува јасна потврда за силната германска поддршка на европската перспектива на регионот и уште еднаш ја потврдува важноста што Германија ѝ ја придава на регионот на Западен Балкан, а особено на нашата држава, истакна Муцунски, кој вечерва во Брисел треба да присуствува на неформалната вечера на Советот за надворешни работи на Европската унија, на покана на високата претставничка на ЕУ, Каја Калас.

На агендата на настанот што ги обединува министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ и на земјите од Западен Балкан, се разговори за унапредување на соработката меѓу Европската унија и регионот, со акцент на безбедноста, одбраната, справувањето со хибридните закани и зајакнувањето на демократската отпорност.

Во рамки на посетата на Брисел, на агендата на министерот се и одвоени средби со европската комесарка за проширување, Марта Кос, како и со Глен Микалиф, европски комесар за меѓугенерациска правичност, млади, култура и спорт.

Мицкоски: Бараме гаранции од ЕУ за да нема ново вето

Македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, по средбата со Вадефул, во телевизиско гостување го повтори ставот за добивање гаранции на патот на земјава кон ЕУ, со цел да нема нови условувања од страна на Бугарија.

-Кога некогаш на меѓународна сцена се прават исклучоци, тогаш тие можат да испровоцираат поголеми катастрофи кои потоа ќе се повикуваат на тие исклучоци. Во случајот со нас и нашиот пат кон ЕУ, такви исклучоци и преседани се направени многу. Еден од тие преседани е и овој, и ако навистина сите ние мислиме дека ова е последно, и дека повеќе нема да има билатерални спорови, и дека повеќе нема да има билатерални прашања и дека нема да имаме владеење на право кое ќе биде различно за едни, а различно за други, тогаш тоа што ние го бараме како Влада – почитување на правата на македонската заедница кај нашиот источен сосед и гаранции да речеме во форма на заклучок од Европскиот совет, навистина дека нема никој против македонскиот идентитет, македонскиот јазик, дека нема да има повеќе вето поради билатерални прашања претставува нешто што е темелна вредност, ние не бараме нешто што е повеќе од тоа или помалку од тоа, рече Мицкоски во интервјуто и додаде дека доколку не го добиеме тоа, „значи дека некој има скриени намери и на некому не можеме да му веруваме“.

-И можеме многу лесно да очекуваме дека и покрај направени, условно кажано, уставни измени понатаму во процесот на преговори повторно ќе се појави некоја недоумица некое прашање или нејасна работа која ќе треба повторно да ја дообјаснуваме со ново вето, со нови пречки. Затоа вака да ги поставиме работите, кои во рамки на оваа ситуација која ја имаме наследено од претходната влада после целосна капитулација, мислиме дека тоа е нешто кое претставува темелна вредност која ја заслужуваме како народ после се она што сме направиле за тие евроинтеграции, рече Мицкоски и додаде дека не се проблем само уставните измени, таму имаше предлози кои немаат никаква врска ниту со Копенхашките критериуми, ниту со европски вредности.

Кошта: Неприфатливо е блокирање поради причини надвор од Копенхашките критериуми

Токму излегувањето од рамките на Копенхашките критериуми веќе неколку пати наидува на критика и кај претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. Во обраќањето на „Форумот за проширување на ЕУ 2025: Заокружување на Унијата, обезбедување на нашата иднина“ што се одржа во Брисел, Кошта порача дека „напредокот во пристапниот процес се оценува само според Копенхашките критериуми и неприфатливо е да продолжи блокирањето од страна на некои земји членки од причини поинакви од оние утврдени во пристапот базиран на заслуги“.

– Треба да продолжиме со реформите во нашите земји кандидати (за членство), осигурувајќи се дека ги исполнуваат високите стандарди на Европската Унија за демократија, владеење на правото и фундаментални права, како што е утврдено во нашиот пристап базиран на заслуги. А тоа значи токму тоа – процес на пристапување оценет само според Копенхашките критериуми и според ништо друго. Неприфатливо е да продолжи блокирањето на пристапувањето од некои земји членки од причини поинакви од оние утврдени во пристапот базиран на заслуги, рече Кошта.

Кошта рече и дека  Босна и Херцеговина и Македонија „се уште можат да постигнат напредок до крајот на годината“. Според него, паралелно со реформите што ги прават кандидатите за членство и самата ЕУ мора да се подготви да прифати нови членки, да ги интегрира и воедно да продолжи да функционира и да се развива како кохезивна Унија.

Претседателот на Европскиот совет го „ублажи“ тонот на Брисел во однос на Македонија пред два месеци и тоа преку изјава во Софија. Тогаш, на заедничка прес-конференција со бугарскиот премиер, Росен Жељазков, Кошта порача дека Скопје мора да ги исполни своите обврски за да напредува кон ЕУ, но, исто така, дека е разумно земјава да добие гаранции.

Минатиот месец, исто така, во рамки на нејзината балканска турнеја, во Скопје допатува и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која порача дека топката е во нашиот двор, практично јасно ставајќи до знаење дека доколку Македонија сака да продолжи по патот кон полноправно членство во ЕУ, уставните измени се следниот неизбежен чекор. И посетата на Фон дер Лајен тогаш, и посетата на Вадефул неделава, поминаа без директна медиумска комуникација, односно немаше прес-конференции и изјави за медиумите. (В.С.Н.)

ИЗДВОЕНИ