Копенхаген мора да им врати милиони на паровите што таму се венчале

80

Властa во Копенхаген би можелa да се соочи со сметка од неколку десетици милиони круни откако беше откриено дека градот незаконски им наплаќал такса за венчавка на околу 12.000 парови во текот на седум години. Повеќето од оние на кои им била наплатена таксата, наводно, не биле постојани жители на земјата.

Касата на Општината Копенхаген со ова би можела да биде ослеснета за 23 милиони круни, што е еднакво на околу три милиони евра. Откриено е дека градот незаконски наплаќал такса до 4.500 круни (600 евра) за венчавки во градската општина во одредени термини и за церемонии на одредени надворешни локации. Сепак, според данскиот закон, општината може да наплати такса само ако парот побара венчавката да се одржи надвор од градската општина, пишува „Гардијан“.

Туризмот поврзан со венчавки е голем бизнис за градот. Минатата година, околу 5.000 меѓународни парови се венчаа во Копенхаген, потрошувајќи до 120 милиони круни (16 милиони евра), според податоците од Данската стопанска комора.

– Од повеќе причини, бевме многу задоволни што толкав број странски парови го избираат Копенхаген како место за да ја запечатат својата љубов. Во исто време, не сме слепи за значителниот приход што го носат овие гости – од хотели, ресторани и аеродроми, до локални фотографи, цвеќари и многу други. Се надеваме дека ќе се најде решение – рече Ларс Раме Нилсен, директор на  Стопанската комора.

Некои политичари бараат да се смени законот, така што општината ќе има законско право да наплаќа за венчавките на паровите кои не се од Данска. Нилс Педер Равн, член на Конзервативната партија во Комитетот за култура и слободно време на Копенхаген, рече дека иако е „воодушевен“ што данската престолнина станала толку популарна меѓународна дестинација за свадби, огорчен е затоа што даночните обврзници сега ќе мора да ги платат трошоците.

–Тоа го нарекувам скандал со венчавки бидејќи значи дека даночните обврзници на Копенхаген сега мора да им вратат 23 милиони круни на приближно 12.000 странски парови. „Ќе мора да ги најдеме тие средства во рамките на буџетот на комитетот за култура и слободно време, што ќе резултира со помал број спортски активности и културни содржини за граѓаните на Копенхаген – рече тој и додаде дека е длабоко загрижен за безбројните часови работа што администрацијата ќе мора да ги вложи за да ги лоцира сите овие парови, кои, бидејќи не живеат во Данска, можеби нема да бидат лесно пронајдени, пишува „Форбс“.

Градоначалничката на Копенхаген за култура и слободно време, Миа Нигард, рече дека нелегалната практика, која траела од 2018 година до нејзиното откривање претходно оваа година, е „навистина несреќна и тажна“.

– Не знам како истовремено Копенхаген можел да се промовира како дестинација за венчавки. Немам одговор на тоа. Но, информирана сум дека нелегалната практика е откриена кога администрацијата, во пролетта 2025 година, ги разгледала финансиските и правните основи за канцеларијата за венчавки поради зголемената побарувачка. Тогаш администрацијата станала свесна за погрешната практика и целосно ја запрела – рече Нигард.

ИЗДВОЕНИ