Моментот од кој многу крипто ентузијасти се плашеа – пристигна, рударењето на биткоин повеќе не е профитабилно. Рударењето (копање) е процес во кој компјутерите, најчесто со графички процесори со висока моќност, ги потврдуваат трансакциите на блокчејн мрежа преку механизмот „доказ за работа“ (proof of work). Во замена, оние кои „копаат“ добиваат одредена количина биткоини, пропорционална на моќта што ја инвестирале.
Овој модел е профитабилен од појавата на биткоинот во 2009 година, бидејќи вредноста на биткоинот беше поголема од цената на електричната енергија потребна за копање. Но, како што бројот на нови биткоини кои влегуваат во оптек систематски се намалува, ограничен на вкупно 21 милион, а конкуренцијата расте, економската пресметка станува сè понеисплатлива.
И покрај фактот дека еден биткоин моментално се продава за околу 94.000 долари, цената на неговото производство за малите копачи надминува 137.000 долари, според најновите проценки на Gizmodo. Дури и за големи рударски системи со оптимизирана инфраструктура, трошоците се проценуваат на околу 82.000 долари, што значи дека маржите се минимални и дополнително се намалуваат.
За споредба, во септември 2024 година, ископувањето на еден биткоин чинеше околу 56.000 долари. За помалку од една година трошоците се речиси двојно зголемени, што потврдува дека профитабилноста на копањето се руши со извонредна брзина.
Биткоинот некогаш беше поздравен како децентрализирана алтернатива на банкарскиот систем, но денес е концентриран најмногу во рацете на неколкумина.
Според достапните податоци, 8 отсто од дигиталните паричници чуваат повеќе од 98 отсто од сите биткоини, а 1 отсто од корисниците контролираат над 90 отсто од вкупната понуда. Оригиналниот идеал за еднаква дистрибуција е заменет со реалноста, криптосистем сличен на традиционалните финансии, но со уште помала регулација.
Откако беше замислен како демократска финансиска алатка, биткоинот стана уште еден шпекулативен механизам, каде што профитот оди кај најмоќните, а трошоците за електрична енергија ги плаќаат сите останати.