Контроверзен сведок во случајот против обезбедувачот на премиерот?

Осуден за убиство клучен сведок на обвинителството

596

Клучниот сведок против обвинетиот полицаец Ангел Самараков уапсен при средба за примопредавање на доверливи информации е добро познат на полицијата, особено по убиството од пред речиси 20 години кога со ловечка пушка уби човек кај перланица за автомобили во Прилеп. Ова се дозна на  првото судење против поранешното обезбедување на премиерот. Сведокот со кој јавното обвинителство ќе докажува оддавање на тајни информации е Благоја Коруноски, кој иако беше осуден на повеќе од десетгодишна казна затвор, сепак успеа да излезе на слобода. Поради него пред десет години беа осомничени судии од прилепскиот суд, доктори од Демир Хисар и затворски лекар бидејќи на Коруноски му овозможиле спротивно на законите и со невистинита медицинска документација да излезе на слобода. Обвинителката Ивана Трајчева смета дека минатото на сведокот не треба да биде пречка во веродостојноста на неговата изјава денеска  бидејќи средбата со полицискиот службеник му била снимена на видео.

-Обвинителството има вербални и материјални докази дека она што е напишано во обвинението е точно и ќе резултира со осудителна пресуда. Имаме видео снимки на кои се гледа се што правел обвинетиот. Се што кажува сведокот е документирано на видео, уверуваше обвинителката Трајчева.

Ангел Самараков, полицаец и поранешен припадник на обезбедувањето на премиерот Христијан Мицкоски се изјасни дека не е виновен на првото судско рочиште по обвинението за издавање на полициски тајни. Самараков беше уапсен на почетокот на април во Велес при обид за предавање на доверливи службени тајни, тврди обвинителството и посочува дека друга полициска службеничка од велешката полиција  требало да прибави 50 илјади евра за размената.

-За тоа обвинетиот Самараков требало да прибави од лицето Лелита Трајковска Миленкова износ од 50 илјади евра. Му се става на товар дека сторил кривично дело одавање службена тајна, рече во судницата обвинителката Трајчева.

Одбраната пак тврди дека обвинителството нема докази за кривичното дело и побара  негови колеги да посведочат за околностите помеѓу Самраков и сведокот Коруноски. Приговараше обвинителката, а судењето се одложи за 14 август за кога е планирано во судницата да дојде единствениот сведок со контроверзно полициско минато кој бил дел од шемата за размена на тајни информации. Претходно во воведниот збор обвинителката Ивана Трајчева рече ддека Ангел Самараков на 30 март 2025 година околу 23 часот, на паркинг пред хотелот „Гарденија“ во Велес како службено лице вработено во МВР, а од користољубие, на сведокот Благоја Коруноски му дал достапни службени документи на МВР кои се службена тајна, за сведокот тие документи да ги објави на социјалните мрежи. Обвинителството освен со клучниот сведок, делото ќе го докажува и преку материјални докази односно мобилни телефони и лаптоп. (П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ