Контролорите на летање најавуваат штрајк, премиерот им порача дека не се плаши од закани: ПРОБЛЕМИТЕ ВО ВОЗДУШНИОТ ПРОСТОР ПРЕДИЗВИКАА ЗЕМСКА КАВГА

997

Најави за штрајк на контролорите на летање, но и категоричен одговор на македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, дека „не се плаши од закани“ ги следат проблемите што се појавуваат повторно во државната компанија М-НАВ. До ова доаѓа откако реагираше Струковиот синдикат на контролорите на летање на неколку огласи за примање советници и техничари со средно образование наместо стручни кадри. Контролорите, кои го најавуваат штрајкот за 10 јули, реагираат за серија огласи за, според нив, непотребни вработувања, но и за нарушените односи во државната компанија М-НАВ, за што со писмено обраќање го предупредуваат Управниот одбор.

– Состојбата во М-НАВ е влошена како резултат на сериозно нарушените меѓучовечки односи, блокираните процеси за јавни набавки, неуспешната транзиција на нови технички системи, прекршувањето одредби од Колективниот договор, тајните и неосновани измени во систематизацијата, отворањето несуштински работни позиции и прераспоредувањето без почитување на актите на друштвото до раководството, како и непочитувањето точки од спогодбата помеѓу М-НАВ  и ССКЛ од 13.7.2023, која беше основа за ставање на штрајкот во мирување – се наведува во обраќањето.

Нивната реакција деновиве ја предизвикаа неколку огласи со кои, на пример, се бараа: оператор со четврти степен средно образование со плата од 66.269 денари во националниот Центар за трансмисија на податоците, авторизација и надзор на летовите; двајца гимназијалци без работно искуство со плата од 51.325 денари во Одделението за воздухопловни информации; техничар за климатизација и техничко одржување со личен доход од 50.179 денари; двајца помошници за развој, инвестиции и набавки… Огласите биле распишани иако претходно Министерството за финансии дало согласност за прием на метеоролози и на инженери, кои се неопходни поради заминувањето на овој кадар во пензија.

Синдикатот смета дека е ова продолжување на партиските вработувања што се непотребни, како што правеше претходното раководство на М-НАВ.

– Како се претворија тие инженери и метеоролози во советници и среднисти не ни е јасно и одговор треба да аде Управниот одбор со тројцата директори. Тие вработувања не одговараат на реалните итни и суштински потреби на компанијата. Огласите треба да се поништат, а евентуалното пополнување на работните позиции да се изврши преку прераспоредување на постојни вработени во М-НАВ, преку интерен оглас или со додавање работни задачи на недоволно ангажираните  вработени, како и одделенски реорганизации и рационално прераспоредување на постојниот кадар – потенцираат од Синдикатот.

За премиерот Христијан Мицкоски, причина за најавите за штрајк не е распишаниот оглас за вработување кадри.

– Не мислам дека е тоа причината, се закануваат оние што правеа упад и тепаа. Е сега немаат внимание и не се толку силни да тепаат, и тоа е. А ние од закани не се плашиме – рече Мицкоски.

Во јануари минатата година, еден вработен во М-НАВ, со уште неколкумина непознати, физички нападна тројца вработени во Контролата на летање на Скопскиот аеродром. Напаѓачите тогаш беа поврзани со партијата ДУИ.

Контролорите соопштија дека веќе не е поднослива ситуацијата, особено откако е зголемен сообраќајот во македонскиот воздушен простор и за 30 проценти по избувнувањето на војната меѓу Израел и Иран.

– Ние сме со стар систем купен во 2001 година, а новиот не е имплементиран. И тој, новиот, веќе не е нов, купен е во 2014 година. Значи, АТМ-системот може секој момент да откаже, неговите сегменти често прегреваат. Испративме и барање до директорите да се побара помош од соседните земји да ја преземат контролата ако се случи хаварија. Но, ни тоа не е направено. Има недостиг од контролори на летање, кои, во корелација со новиот систем, кој раководството не успеало да го стави во функција, би можеле да го подигнат капацитетот на опслужени воздухоплови и до 50 проценти – потенцираат контролорите на летање. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ