Вашингтон би можел да ја преземе контролата врз воените бази во Гренланд, моделирани според британските бази на Кипар, објавуваат германските медиуми. Според овие извештаи, ова било дискутирано на состанокот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
„Франкфуртер алгемајне цајтунг“, повикувајќи се на извори од НАТО, пишува дека Руте му претставил на Трамп план кој предвидува нова мисија на НАТО за следење на далечниот север, како и преземање на воените бази во Гренланд од страна на САД. Весникот наведува дека два извори му потврдиле дека предлогот е базиран на моделот на британските бази на Кипар, пренесува „Дојче веле“.
Велика Британија управува таму со две воздухопловни бази – Акротири и Декелија – кои се дел од нејзината територија. Овој статус е задржан откако Кипар доби независност во 1960 година и е регулиран со договорот со кој е основана Република Кипар.
Базите се класифицирани како британски прекуокеански територии, под администрација на Министерството за одбрана на Велика Британија. Тие можат да се користат само за воени цели, без економска експлоатација и немаат статус на посебна држава.
The day is ending on a better note than it began. We welcome that POTUS has ruled out to take Greenland by force and paused the trade war. Now, let’s sit down and find out how we can address the American security concerns in the Arctic while respecting the red lines of the KoD. pic.twitter.com/XWv1Ffo4UN
— Lars Løkke Rasmussen (@larsloekke) January 21, 2026
САД моментално имаат една база во Гренланд – „Вселенската база Питуфик“, порано позната како „Воздухопловна база Туле“, која е под команда на Вселенската команда. За време на Студената војна, Американците имаа вкупно 17 бази на островот.
Властите во Копенхаген и Нуук изјавија дека во принцип се отворени за посилно американско воено присуство, што, според договорот од 2004 година, би било релативно лесно да се постигне.
Данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен порача на платформата X дека го поздравува исклучувањето на можноста за насилна анексија на Гренланд од страна на Трамп и неговото „паузирање“ на трговската војна.
„Ајде сега заедно да разгледаме како можеме да се справиме со безбедносните загрижености на САД на Арктикот, почитувајќи ги црвените линии на Кралството Данска“, напиша Расмусен.
Според извори од НАТО, Руте веќе разговарал за овој план со данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Полсен и гренландската министерка за надворешни работи Вивијан Мотцфелд, а Франкфуртер Алгемајне Цајтунг објави дека разговорот „поминал добро“.












