„Континуитет како метафора 1967 – 2012/2012 – 2025“, е насловот изложбата на Васил Василев, која посетителите ќе можат да ја погледнат во Даут-пашиниот амам до 15 ноември.
– Скулпторскиот опус на Васил Василев е еден континуум на темелни, истрајни и инвентивни истражувања. И покрај тоа што неговиот развоен пат се движеше од конкретни фигуративни облици до сведување на фигурата на знак, основните параметри не се променија, како и односот кон објектот. Без оглед на одредени стилски поместувања во ракописот, зависни и од матрицата на непосредни или посредни инспиративни доживувања, неговиот ликовен опус дозволува да се дефинира низ варијациите кои се одвиваа внатре во една усвоена и со време доградувана и надградувана ликовна синтакса. Асоцијативните вертикали, дел од последниот циуклус на Василев, се резиме на сите атрибути на неговото обликовно размислување, преведени и пренесени со минимални формални содржини, со концентрирање на оние круцијални севкупости на негово дело… Значи, ликовната структура на делата на уметникот од почетокот на седумдесеттите години, континуирано се движи до најновите негови остварувања. Во нив се содржани и цртежот и релјефот, архитектонското редење на тогаш понагласени волумени, како и пиктуралните примеси (главно во згаснати тоналитети со патина на дрвото)… Комбинацијата на скулптура и релјеф, но и пиктуралното третирање на материјалот со меки тонски премини и светло-темни градации или звучна колористичка игра, се дефинирани и со движењето на линијата. Линеарната арабеска датира од почетоците на неговото творештво, присутна е во сите негови дела и се јавува со варијабилен интензитет и улога: некаде го иницира формирањето на обликот, некаде ги бележи, разграничува формите, некаде го нагласува волуменот, а некаде ја иницира колористичката игра на релјефните сегменти. Секако, таа ја има една од примарните улоги во формирањето, во обликувањето на делото, посочува кон изложбата кураторката Викторија Васева Димеска.
Васил Василев е роден во 1938 година во Скопjе. Академиjа за ликовни уметности запишал во Љубљана, а студиите ги продолжил во Белград каде и дипломирал во 1965 година на Академијата за ликовни уметности, во класата на проф. Jован Кратохвил. Член е на ДЛУМ од 1966 година. Остварил студиски патувања во: Италија, Франција, Германија, Грција, Бразил, Египет, Кина, САД…