Поголем дел од скопјани, но и граѓаните во другите градови, немаат навика да го селектираат отпадот, а оние што сакаат да го направат тоа се жалат дека нема каде да го остават, односно велат дека иако се пропагираат селектирање и рециклирање, не постојат услови да се изведе тоа. Од друга страна, пак, несовесните граѓани ги оштетуваат контејнерите што ги има или ставаат во нив и друг отпад, освен оној за кој се наменети. Тоа е потврда дека кај нас сè уште не е доволно развиена свеста за селектирање на отпадот. Од „Пакомак“ велат дека на територијата на државата се поставени 1.700 игло  контејнери со зафатнина од 1,5 до 2 кубни метри, за собирање стаклен отпад од пакување и за пластичен отпад од пакување, како и за алуминиум и за хартија, но и 85 вендинг машини за собирање пластични шишиња и лименки, кои во најголем дел се поставени во Скопје, како и другите контејнери

 

Поголем дел од скопјани, но и граѓани од другите градови во државата, немаат навика да го селектираат отпадот, а оние што сакаат да го направат тоа се жалат дека нема каде да го остават, односно велат дека иако се пропагираат селектирање и рециклирање, не постојат услови да се изведе тоа. Од друга страна, пак, несовесните граѓани ги оштетуваат контејнерите што ги има или ставаат во нив и друг отпад, освен оној за кој се наменети. Тоа е потврда дека кај нас сè уште не е доволно развиена свеста за селектирање на отпадот.

– Имам три полни кеси пластични шишиња. Не знам каде да ги фрлам. На крај, завршуваат во контејнер. И да сакаш, не можеш да селектираш – се жали скопјанка.

Други граѓани, пак, коментираат на социјалните  мрежи дека треба да има машина за пластика пред секој дуќан, а не да се оди на другиот крај на градот за да се остави. Трети, пак, предлагаат да се постават контејнери што ќе бидат, на пример, само за пластика,  други за стакло, бидејќи, како што велат, има свесни луѓе, кои би ги користеле.

– Еве, носиме стакло кај училиштето „Крсте Мисирков“, да знаев каде има за пластика, ќе однесев таму – реагира жителка на населбата Ченто.

Од друштвото за управување со пакување и отпад од пакување „Пакомак“ велат дека, во соработка со општините, вклучително и со Град Скопје, на територијата на државата, а во согласност со Законот за управување со пакување и отпад од пакување, се поставени 1.700 игло контејнери со зафатнина од 1,5 до 2 кубни метри за собирање стаклен отпад од пакување и за пластичен отпад од пакување, како и за алуминиум и за хартија.

– Покрај тоа, имаме поставено и 85 вендинг машини за собирање пластични шишиња и лименки, кои во најголем дел се поставени во Скопје, како и другите контејнери – изјави Игор Макалоски, оперативен менаџер во „Пакомак“.    

Тој признава дека не е доволна таа инфраструктура и оти треба да се зголеми бројот на опрема во периодот што следува, но, како што потенцира, од голема важност е да се прецизираат и одредат микролоакциите и просторот каде што би се поставиле контејнерите, за што се надлежни локалните самоуправи.

– Локалните самоуправи во голема мера соработуваат со нас, но морам да кажам дека не ги спроведуваат плановите до детали и имаме поплаки од граѓани, на пример, дека сакаат да се разместат одредени контејнери. Но, ние не сме надлежни за нивното разместување. Тоа може да се направи само по насока од локалната самоуправа и на тој начин се добива слика дека нема доволно контејнери за селектирање – дециден е Макалоски.

Додава дека смета оти во секоја општина има поставено минимален број контејнери.

Макалоски информира дека од повратните вендинг машини месечно собираат од 45 до 50 тони пластични шишиња и лименки и нивна интенција е да се постават 400 вендинг машини на територијата на државата.

Што се однесува до електронскиот и до електричниот отпад, како што се батериите, електронските и електричните уреди што не може да се користат повеќе, од „Нула отпад“ велат дека го имаат телефонскиот број  070 236 000 на кој граѓаните што имаат ваков вид отпад може да се јават, а нивни екипи ќе дојдат до нивниот дом и бесплатно ќе го земат.

– Битно е да се исклучени уредите од струја и вода и да се поставени на достапно место. Истото ова важи и за физичките, но и за правните лица – објаснува Билјана Костадинова од „Нула отпад“.

Вели дека граѓаните најмногу го користат ваквиот начин.

– Дневно имаме и по 20 јавувања. На овој начин, не го губиме отпадот. Од домовите на граѓаните, тој оди директно на рециклирање – потенцира Костадинова.  

Додава дека имаат поставено 400 контејнери во 30 општини на територијата на државата. Но, потенцира дека кај нас сè уште немаме изградено свест за селектирање на отпадот, бидејќи во контејнерите, електричниот и електронскиот отпад се меша со комуналниот.

– Во ТЦ „Сити мол“ имавме поставено контејнер, а до нашиот имаше поставено контејнер и Црвениот крст. Нашиот контејнер беше полн со облека – раскажува  Костадинова.

Освен тоа, како проблем го наведува и тоа што контејнерите често  пати се оштетуваат.

– Кај нас нема контрола, нема санкционирање, постојано ги менуваме оштетените контејнери. Континуирано работиме на подигање на јавната свест, но се соочуваме со свесно и намерно уништување  на опремата. Кога би се казнувало, не би се случувало сето тоа – смета Костадинова.

Таа додава дека за разлика од контејнерите за електронски и за електричен отпад, садовите за батерии, кои ги има во маркетите, моловите, училиштата, градинките, се користат за намената.

Освен контејнерите на овие две друштва, јавното претпријатие „Комунална хигиена“ има пункт во Карпош, каде што граѓаните можат да го однесат и да го фрлат отпадот (селектиран), и тоа бесплатно, во периодот од 8:00 до 17:00 часот, наместо да се расфрла насекаде и да се формираат диви депонии.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ