Жителите на Општина Кисела Вода добиja можност правилно да го селектираат текстилниот отпад откакo беа поставени контејнери за текстилен отпад пред сите месни заедници.
Со ова, Кисела Вода воспоставува функционален и одржлив систем за селектирање и рециклирање на текстилниот отпад, во соработка со лиценцираната компанија „Екотекс груп“ДОО – Скопје, овозможувајќи правилно фрлање на употребената облека и на домашниот текстил и активно вклучување на граѓаните во процесите на заштита на животната средина.
По новогодишните празници, поставувањето вакви контејнери ќе продолжи и во основните училишта, со што иницијативата ќе добие и силна едукативна компонента, насочена кон развивање на еколошката свест кај најмладите и создавање одговорни навики уште од најрана возраст.
– Со воведувањето систем за селектирање и рециклирање на текстилниот отпад, Општина Кисела Вода прави конкретен и одговорен чекор кон современо управување со отпадот. Нашата цел е да им понудиме на граѓаните практични и лесно достапни решенија, кои директно придонесуваат за почиста животна средина и за подобар квалитет на животот. Особено значајно е што преку поставувањето контејнери и во училиштата, ќе градиме еколошка свест кај најмладите, затоа што токму тие се идните носители на одговорното однесување кон природата – изјави градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска.












