Пржинската влада да функционира на следните парламентарни избори, да се договара промена на изборниот модел со воведување една изборна единица и со гласање на дијаспората, да се најде решение за избор на народен правобранител и поддршка за реформските закони… биле прашањата околу кои се договарале партиските лидери и претставници на денешната средба што ја организираше премиерот Христијан Мицкоски во скопскиот Клуб на пратениците. Партиските лидери практично отворија многу прашања за кои покажаа конструктивност да се дојде до решеније, но за конечни договори ќе бидат потребни уште дополнителни договарања, кои ќе одат преку координаторите на пратеничките групи во македонското Собрание. Впечаток од изјавите на партиските лидери по завршената тричасовна средба е дека тие не сакале да носат одлуки со мнозинство гласови, туку да се задржи духот на договарањето и на консензусот на сите релевантни партии во државата.
Премиерот Христијан Мицкоски во изјавата не го криеше своето задоволство од тоа како поминала средбата.
– Денеска јавноста беше сведок на еден поинаков пристап на решавање на отворените прашања, нешто што не се случило во изминативе 35 години државност. Имавме една плодна дискусија и дебата полна со предлози и идеи, при што се отворија голем дел од прашањата. За поголем дел од прашањата имаме исто мислење, имаме заеднички јазик, а за дел, нормално, позициите ни се разликуваат. Сите чинители кажаа дека средбата била конструктивна, што, за мене, е задоволство, затоа што македонските граѓани можеа да видат едно поинакво, зрело, конструктивно однесување, надминување, а не создавање проблеми. Предложив да се случуваат почесто и дебатата за неколку прашања да продолжи во рамките на Собранието, на ниво на координаторите на пратеничките групи. За сите итни прашања ќе се најде решение – потенцира македонскиот премиер.
Техничката влада ќе чека на одлука на СДСМ
Мицкоски веднаш потенцира дека е најдено решение за деблокада за собраниско усвојување на измените во Законот за прекршоци, со што од 1 февруари ќе може да стартува системот „Сејф сити“.
– За мене, акутно е законот за прекршоци да почне да функционира од 1 февруари и мислам дека на овој состанок најдовме заеднички јазик. За негово усвојување, потребно е двотретинско мнозинство и не е потребно Бадентерово мнозинство – рече тој.
Во однос на натамошното постоење на „пржинската влада“, тој рече дека лидерите се согласиле дека треба да замине во минатото.
– Мислам дека треба да покажеме и пред меѓународната заедница дека можеме да носиме зрели одлуки. Не е мој начин тоа да не биде консензуално. Една коалиција денеска отсуствуваше, па доколку таа не прифати да се избрише техничката влада на претстојните парламентарни избори, тогаш мојот предлог беше да не го правиме тоа насила, без нивна согласност. Односно, укинувањето на техничката влада да не важи од следните избори, туку тие што ќе следуваат потоа. Но тогаш ќе мора да направиме одредени измени оти сега има повеќе ресори во Владата. Министерството за информатичко општество е поделено на две, Министерството за социјална политика и труд, исто така, има нови ингеренции, па ќе треба да се прецизира каде да бидат номинирани дополнителните заменици-министри ако и на следните избори функционира техничката влада – објасни премиерот.
Претходно, лидерот на ДУИ Али Ахмети, околу укинувањето на техничката влада рече дека треба да се имаат и пошироки консултации
– Во однос на прашањето за техничката влада, ние сме на ставот дека треба да се консултираме дополнително со меѓународната заедница, меѓународниот фактор и партнери кои се коавтори на текстот за Пржинска влада – ЕУ и САД – рече Ахмети.
Дилеми околу една изборна единица
Голем дел од средбата лидерите ѝ посветија на промената на изборниот модел, чија финална верзија треба да биде готова до крајот на јуни. Се чини, има големо расположение наместо досегашните шест, да се оди кон една изборна единица. Но, имало и предлози да има две, осум… изборни единици. Лидерот на Беса, Билал Касами, по средбата рече дека треба да се најде начин за поголема вклученост на дијаспората во гласањето.
– Нашето барање беше да се најде поголема можност за вклучување на иселениците оти тие придонесуваат за земјава. На средбата имаше предлози и да има и осум изборни единици. А ако се реши да биде само една изборна единица, тогаш ние бараме да се применат отворени кандидатски листи – потенцираше Касами.
И лидерот на Левица, Димитар Апасиев, по средбата рече дека им е прифатливо решението за една изборна единица. И координатор на пратеничката група на ЗНАМ, Бобан Карапејовски, по средбата рече дека се за една изборна единица.
– ЗНАМ се залага за ново и прифатливо решение со една изборна единица, што ќе обезбеди поголема еднаквост на гласот и пофер политичка застапеност. Едновремено, сметаме дека мора јасно и прецизно да се регулира финансирањето на политичките партии, особено оние што се во Парламентот се застапени преку пратеничките групи. Со цел да се обезбедат транспарентност, рамноправност и спречување на злоупотреби – рече Карапејовски.
Според Али Ахмети, лидерот на ДУИ, и тие не се против една изборна единица.
– Но ако има една изборна единица, тогаш ние сме да има праг од 5 проценти и со отворени листи – наведе тој.
Коментирајќи ги дилемите околу изборниот модел и вклучувањето на дијаспората, премиерот Мицкоски рече дека треба да се барат креативни решенија.
– Во странство имате земји што не дозволуваат гласање на избори надвор од дипломатско-конзуларните претставништва и земји што го дозволуваат тоа. И тоа е пречка – рече премиерот.
Решение за народен правобранител
Консултации и преговори меѓу пратеничките групи ќе се водат и околу деблокирањето на изборот на народен правобранител. Лидерот на интегративците, Али Ахмети, чија коалиција не дозволува избор на предложениот кандидат, по средбата рече дека тие се против оти претходно немало потребни консултации.
– Не се одвивале потребните консултации, а демократијата предвидува одредени протоколи како обврска. Прашањето треба да се реши и ќе се одвиваат дополнителни консултации – објасни тој.
Првиот човек на Левица, Димитар Апасиев, пак, во врска со прашањето за народниот правобранител рече дека предложиле соломонско решение.
– Тоа е припадник на ромската заедница да биде избран за омбудсман, бидејќи сметам дека тоа е најдискриминираната заедница, која нема никакви „полуги“ на власта, ниту министри ниту пратеници, освен некој градоначалник. За „пржинската влада“ се разговараше начелно за нејзино укинување во две варијанти или веднаш или не за наредните, туку за по наредните парламентарни избори, зависно од опозицискиот СДСМ. Тоа ќе остане отворено политичко прашање – рече Апасиев.
Левица на средбата го отворила прашањето за обесштетување на жртвите во Кочани, за што Апасиев рече дека не наишло на слух. На новинарско прашање, тој објасни дека образложението што го добиле било дека тоа било приватен, а не јавен објект како што е модуларната болница и дека веќе имало доволно проекти за самиот град.
Координаторот на ЗНАМ, Карапејовски, рече дека новиот народен правобранител треба да биде лице со висок интегритет.
– Функцијата народен правобранител мора да ја извршува лице со висок професионален интегритет, докажано искуство и експертиза од областа на човековите права и јавната администрација. Освен ова, инсистираме на политички консензус околу реформските закони, затоа што веруваме дека стратешката и државната цел на сите политички фактори мора да биде полноправно членство на РМ во ЕУ – рече тој. (Б.Ѓ. – В.С.Н.)
Тет-а-тет среба на Мицкоски и Али Ахмети
Лидерот на интегративците, Али Ахмети, по средбата рече дека е договорена тет-а-тет средба со премиерот Мицкоски.
– Примарна точка ми беше прашањето за евроинтеграциите, каде што треба да се ангажираме со голема посветеност. Премиерот ни кажуваше за своите средби и контакти со меѓународната заедница. Ние стоиме на тоа да дадеме поддршка. За остатокот од прашањата што мислев да ги поставам на средбата, дополнително ќе се сретнеме со Мицкоски на посебна средба – рече Ахмети.
И премиерот Мицкоски потврди дека ќе биде одржана таква средба.
– Ставот мој и на Владата е дека треба да се поддржат законите од реформската агенда – рече тој.
СДСМ: Без техничка влада, нема ниту минимални услови за фер избори
Генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, вчера јасно порача дека укинувањето на техничката влада значи директен удар врз можноста за фер и демократски избори.
– Техничката влада мора да остане. Таа е единствена шанса, единствен обид за некакви минимални услови за фер избори. Сакаат да ја укинат техничката влада, затоа што не сакаат опозицијата да влезе во министерствата, да не се види што сè правеле со трошењето на парите на граѓаните на Македонија – потенцира тој.
Димитријевиќ предупреди дека во услови на целосна партизација на институциите, техничката влада е неопходна.
– Воспоставена е целосна контрола на Обвинителството, се врши притисок врз Судскиот совет, се носат измени на Кривичниот закон за спас на актуелните функционери, се партизира и се злоупотребува полицијата. Се носат резолуции со кои практично се укинува слободата на говорот на опозицијата. Се злоупотребуваат парите во земјоделството. Масовниот надзор со 65 илјади камери нема контролни механизми, ниту заштита од злоупотреби – потенцираше Димитријевиќ.












