Годинашниот конкурс за наградата „Горан Стефановски“ за најуспешен драмски текст од млад македонски автор на возраст до 30 години ќе биде отворен до 28 февруари, а е објавен на веб-страницата на НУ Драмски театар – Скопје.
– Во духот на традиционалната поддршка кон младите драмски уметници и поттикнување пишување нови драмски текстови, Драмски ја доделува наградата во чест на големиот драмски автор, Горан Стефановски. Преку овој конкурс, Театарот сака да му даде поддршка на драмското творештво на младите автори и да ја афирмира современата македонска драма – соопштуваат од Театарот.
Право на учество имаат авторите, државјани на РС Македонија, кои до денот на завршување на рокот за пријавување не наполниле 30 години. Поднесениот текст мора да биде оригинално, неизведено дело, а не адаптација или драматизација на веќе постојни книжевни или драмски форми. Пристигнатите текстови ќе ги разгледува стручна комисија составена од петмина членови, а добитникот ќе биде објавен на прес-конференција што ќе се одржи во пресрет на денот на раѓањето на Горан Стефановски – 27 април.
Наградата се состои од: паричен дел во износ од 60.000 денари (еднократно); потпишување авторски договор со Драмски театар; продукција и изведба на наградениот текст на една од сцените на Театарот – малата сцена или сцената „Ристо Стефановски“ – во рок од две години од затворањето на конкурсот.
Авторот се обврзува дека до премиерата во НУ Драмски театар – Скопје, текстот нема да биде отстапен на други лица или институции.
– Со оваа награда, Драмски театар продолжува со својата посветеност кон развојот на македонското драмско писмо, негувајќи го духот на Горан Стефановски, чии дела се длабоко вкоренети во историјата на театарот – додаваат оттаму.












