Општина Центар распиша конкурс за финансиска поддршка на проекти од сите области на културата за 2026 година, со цел унапредување и збогатување на локалната културна сцена. Приоритет имаат проектите што ја промовираат современата уметност, вклучуваат различни возрасни групи и афирмираат млади професионалци.
Од Општината информираат дека предложените проекти треба да бидат од областа на изведбените, музичките и визуелните уметности, уметноста на новите медиуми, издавачката и библиотечната дејност, како и промоција на културното наследство.
Пријавите со целокупната документација може да се достават по пошта, на адреса Општина Центар – Скопје, Сектор за јавни дејности, Одделение за култура, улица „Михаил Цоков“, број 1 или лично во архивата на Општина Центар (барака 6), секој работен ден од 9:00 до 15:00 часот. Рокот за пријавување е 10 дена од денот на објавувањето на конкурсот на општинската веб-страница.
Градоначалникот Горан Герасимовски истакна дека Општина Центар е препознатлива по својата автентична културна понуда, по креативните идеи и уметничките изрази што го оживуваат јавниот простор и ги повика сите уметници, здруженија и организации од областа на културата да се пријават на конкурсот и да бидат дел од центарската приказна.
Тој најави и нови проекти и заеднички активности со Здружението на пензионери на Општина Центар за годинава, меѓу кои: „Носталгија за корзо – сеќавање на едно убаво време“, екскурзии низ Македонија, едукативно-креативни работилници за домаќинството, Пензионерски спортски игри, а во план е и изградба на дом за стари лица. Тој прими благодарница што му ја врачија од Здружението на пензионери за одличната соработка и партнерскиот однос со Општина Центар.
Дополнително, локалната самоуправа реализира низа успешни и популарни проекти наменети за сениорите, како што се „Центар се грижи за возрасните“, „Итно копче“, бесплатен превоз до здравствените установи, како и еднократна парична помош, која годинава е зголемена на 5.000 денари.
– Општина Центар му останува партнер на Здружението и продолжува да ги поддржува активното стареење и вклученоста на повозрасните граѓани во политиките на локалната самоуправа и во животот на заедницата – велат од локалната самоуправа.
Субвенции за полагање возачки испит
Општина Центар доделува субвенции во висина од 10.000 денари за млади лица, за полагање возачки испит Б-категорија, во автошколите регистрирани на подрачјето на Општината.

Право на субвенција имаат жителите на локалната самоуправа што во текот на 2026 година ќе наполнат 18 и 19 години (родени во 2007 и 2008 година), како и лица што наполниле 19 години во 2025 година (родени во 2006 година), а уплатата за полагање возачки испит ја извршиле во 2025 година.












