Конфекција во Штип остави 50-мина вработени на улица

19

Повеќе од 50-мина работници од штипска конфекција останаа пред заклучените врати наместо да се вратат на работните места по летниот одмор. Сопствениците на фирмата, странски државјани – едниот од Хрватска, а другиот од Германија – исчезнале без никакво известување, оставајќи ги вработените без исплатени плати и без никаква можност за контакт.

На вратата од конфекцијата било залепено кратко соопштение во кое се наведува дека вработените треба сами да се пријават во Агенцијата за вработување, но без никаква информација за исплата на заостанатите плати или за статусот на фирмата. Ниту сопствениците ниту директорката се достапни – не одговараат на телефонските повици на вработените.

– Газдите ни се Хрват и Германец, а ние немаме кому да се обратиме. Ова што нè лажат дека залепиле нешто, тоа е само до кога ни е договорот, но нема кому да му се обратиме. Ние ја бараме платата од газдите и од директорката, од тие што потпишуваат. Нив никаде ги нема, ниту да ни отворат ниту да се појават – изјавија револтираните работнички.

Незадоволството кај работниците расте, а тие најавуваат дека ќе бараат да се вклучат институциите за да им бидат заштитени правата и исплатени заостанатите плати.

ИЗДВОЕНИ