Божиќниот базар „Зимзоленд“ од вчеравечер не работи откако инспектори на Управата за јавни приходи (УЈП) утврдиле неправилности во работењето.
Од УЈП информираа за весникот ВЕЧЕР дека од нивниот Даночен инспекторат биле извршени неколку теренски контроли во изминатиот период, согласно со Законот за регистрирање готовински плаќања, при што биле утврдени неправилности во работењето кај правни субјекти, кои се однесувале на неиздавање фискални сметки и на неуредно водење книга за дневно-финансиски извештаи (КДФИ).
– Кај едно правно лице беше изречена втора глоба за неиздавање фискални сметки, по што, согласно со Законот, следува запечатување.
Во рамките на контролите, затечени се и физички лица што продаваа храна и ракотворби на тезги. Овие физички лица доставиле документација на увид, дека имале поднесено барање до УЈП за паушално оданочување, но согласно со член 29 став 4 од ЗДЛД сите се одбиени, бидејќи не ги исполниле условите за паушално оданочување, освен барањето за продажба на ракотворби. Во однос на овие лица, известени се надлежните институции за преземање понатамошни постапки од страна на АХВ и на ДПИ – одговорија од УЈП.
И од Општина Аеродром потврдија дека биле спроведени неколку координирани инспекциски контроли од повеќе надлежни институции, во кои била вклучена и Општина Аеродром, по што е донесено решение за прекин со работа на „Зимзоленд“ и за отстранување на опремата во рамките на оваа манифестација.
Но, ниту една од надлежните институции не одговори зошто се чекаше дури три недели за да се преземе оваа мерка, иако, како што наведе и скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, Инспекторатот утврдил дека Град Скопје му нема дадено дозвола на „Зимзоленд“ за таму да се врши дејност и оти биле констатирани повеќе неправилности, особено во однос на вршењето дејност надвор од објект.
„Зимзоленд“ започна да работи на 30 ноември, на локација во Ново Лисиче и требаше да работи до 4 јануари, но по пријава од граѓани и по нивното негодување дека има премногу бучава, светлина до доцна во ноќта и дека се узурпирани јавните површини, тротоари и зеленило од возила, влегоа инспекциските служби и го затворија.
(А. П.)












