Конечна одлука на градот Париз: За дочек на Нова година на Шанзелизе само огномет, без новогодишен концерт

0

Новогодишниот концерт на Шанзелизе во Париз нема да се одржи оваа година, според одлуката на полициската администрација, од безбедносни причини, но огнометот ќе остане на програмата, објави денес градската администрација на Париз.

Градот Париз предложи да организира концерт во живо на познатата авенија на 31 декември, како и во претходните две години, но мораше да се прилагоди на одлуката на полициската администрација, која на 1 декември ја пренела таа одлука на градоначалничката Ан Идалго.

Според градоначалничката на 8-от арондисман во Париз, Жан д’Оцер, префектурата навела „непредвидливо движење на толпата“ на Шанзелизе, кое „не е прилагоденено за одржување на вакви настани за време на кои се движат голем број луѓе“. Како членка на Републиканската партија, таа ја поддржала таа одлука.

Од друга страна, градската администрација на Париз потсетува на „пријателската и семејна атмосфера“ во која се одржуваа бесплатните новогодишни концерти на Шанзелизе, каде што е забранет алкохолот, во последните години.

Со милион луѓе минатата година, од кои половина дојдоа од странство, таков настан „придонесува за културниот и забавниот углед на Париз“, додаде градската администрација.

Комунистичкиот сенатор од Париз, Јан Броса, изрази жалење за „несфатливото откажување, без никакво јавно објаснување од полициската управа“.

„Минатата година, нашиот град успеа да ги организира Олимписките и Параолимписките игри, еден од најголемите настани во светот, со исклучителни безбедносни мерки. Како може да не може да одржи концерт денес, чија организација е воспоставена со години?“, праша претседателот на комунистичката група во Парискиот совет во соопштението.

Огнометот, сепак, останува на програмата, а на Триумфалната капија ќе бидат проектирани разни визуелни прикази, вклучувајќи еден што ќе го евоцира градското дерби на 4 јануари помеѓу Париз Сен Жермен и ФК Париз, прецизираше градската администрација.

Снимените секвенци од концертите, вклучувајќи ги и оние од плоштадот Конкорд, ќе бидат емитувани на 31 декември на телевизијата Франс 2, објави француската телевизија. Тие ќе бидат надополнети со пренос во живо на огномет од Шанзелизе во 23:50 часот, „за да им се обезбеди на сите музички и магичен спектакл“, пренесува „Танјуг“.

ИЗДВОЕНИ