Во обид да ја зголеми стапката на наталитет, Кина воведува данок на кондоми од 1 јануари. Данок на додадена вредност (ДДВ) од 13 проценти ќе се воведе на кондоми и други контрацептивни средства, објавува лондонски „Гардијан“.
Мерката е дел од пошироките напори на кинеската влада за справување со опаѓањето на стапката на наталитет.
По повеќе од 30 години строга политика за едно дете, кинеските власти воведоа стимулации во изминатата деценија за да ги охрабрат паровите да основаат семејства со деца.
Ограничувањето беше зголемено на три деца, но и покрај разните други стимулации, резултатите беа недоволни.
Стапката на наталитет во 2024 година беше 6,77 на 1.000 жители, што е само мало зголемување во споредба со 2023 година и далеку под историскиот просек.
Во исто време, поради стареењето на населението, стапката на смртност се зголемува, што значи дека кинеското население се намалува најмалку три години, објавува „Танјуг“.












