Уметниците од Кина завчеравечер во црквата „Света Софија“ на публиката ѝ приредија незаборавна ноќ. Пред присутните настапија флејтистите Јуе Гуангхуи и Веи Ванг, пијанистката Хоу Јуан, како и лирскиот мецосопран Аи Ву, кои изведоа  дела од кинески и француски композитори: Габриел Форе, Морис Равел, Камиј Сен-Санс, Филип Гобер, Клод Дебиси, Жорж Енеску, Франсоа Доплер, Жорж Бизе/Ф. Борне, Венченг Лу, Жонгронг Луо, Јонџин Ванг и Ге Тиан.

Кинеските уметници со внимателно избраниот репертоар и со своето музицирање создадоа посебна емоција за фестивалската публика.

Флејтиската Јуе Гуангхуи започнува да учи пијано на четиригодишна возраст, а на десетгодишна возраст се префрла на изучување на инструментот флејта. Во моментот сè уште е ученичка во Гимназијата за талентирани ученици при програмата на Музичкиот конзерваториум во Шангај, во класата на проф. Парк Ми-Хјанг. Веи Ванг дипломира на одделот за флејта на Централниот музички конзерваториум во Пекинг. Во 2000 година се закитува со прва награда на Националниот кинески натпревар за флејтисти и потоа станува член на Кинескиот национален симфониски оркестар. Во 2002 година заминува во Франција, каде ги продолжува студиите и во 2005 победува на натпреварот „Париз Белан“, а следната година со прва награда се здобива и на Меѓународниот натпревар во Бенидорм, Шпанија.

Како солист, Веи Ванг е поканет да настапи во салата на УНЕСКО во Париз, а од 2013 г. до 2025 г. редовно настапува на Мултикултурниот фестивал на УНЕСКО…  Во 2023 г. тој е вклучен како композитор и солист на прославата на 35-годишнината на проектот „Патот на свилата“ на УНЕСКО, а е и уметнички директор на кинеската програма.

– Многу се радувам што свирам тука, првпат на овој фестивал, и тоа на Кинеска вечер. Свиревме кинески и француски дела бидејќи веќе 22 години живеам во Париз, каде што сум професор. Акустиката во црквата „Света Софија“ е преубава, а исто така имате и прекрасно езеро во Охрид, рече флејтистот Ванг кој е чест  гостин-предавач на конзерваториумите и на универзитетите во Кина.

Веи Ванг од 2019 година е професор на Академијата „Рахмањинов“ во Париз, а одржува и бројни мајсторски курсеви по флејта.

Аи Ву е лирска мецосопранистка која живее и работи во Франција. Добитничка е на бројни меѓународни награди и признанија кои ги вклучуваат првата награда на Интернационалниот натпревар за пејачи во Париз, Францускиот натпревар за барокна вокална музика, натпреварот во Безие, како и на Натпреварот за француска уметничка соло вокална музика. Во последните години  Аи Ву се посветува на делата од барокниот репертоар, често настапувајќи со ансамблот „Матеус“. Дејствува како претседател на Француското здружение за меѓународна културна размена и го организира Меѓународниот натпревар за пијанисти во Брест.

Пијанистката  Хоу Јуан, пак, започнува да учи пијано во 1986 година најпрво со Џиа-Ронг Тиан, а потоа со Јиминг Пан. Од 1990 до 1996 година учи во Гимназијата за талентирани ученици при Централниот музички конзерваториум под менторство на Шининг Жанг. Во 2002 заминува во Франција, каде студира со француските пијанисти и педагози Франсоа Буфе и Винсен Кок. Во 2004 победува на натпреварот за пијанисти во Париз, а во 2008 ја дели првата награда на Натпреварот за камерна музика „Леополд Белан“. Како камерен музичар, Хоу Јуан е поканета да настапува на Фестивалот за уметности на УНЕСКО, во 2015 година настапува на Филмскиот фестивал во Кан, на фестивалот „Бели ноќи“ во Париз, како и на 35-годишнината од проектот на УНЕСКO „Патот на свилата“ во 2023 година.

ИЗДВОЕНИ