На Колонадата пред платото на Националната опера и балет (НОБ), вчеравечер се одржа концертот насловен „80 години оро со ‘Орце’“, кој ги разигра срцата на присутната публика, која со голем интерес го проследи настанот.
Ансамблот на народни песни и игри, „Орце Николов“, во чест на 80 години постоење, во рамките на 46. Издание на културната манифестација „Скопско лето“, ги израдува љубителите на македонските народни песни и ора, а нивниот настап беше награден со бурен аплауз и овации.
Присутните имаа можност да уживаат во богатата програма на ансамблот чии членови во седумдесетина минути ги изведоа добропознатите македонски песни и ора, а посебен визуелен ефект оставија и богатите и колоритни народни носии со кои настапија, а се речиси од сите региони на Македонија.
Пред публиката беа изведени сплет на песни и игри од источна Македонија, „Пештреф и Адана“ традиционални ора од Тетово, македонски ора со детскиот ансамбл, песни и игри од Овче Поле, „Водарки“, „Мариовска тресеница“, „Пиперково оро“, како и сплет на соборски песни и игри од скопско. Исто така, вокалистите на КУД „Орце Николов“, ги изведоа познатите народни песни, „Бело лице љубам јас“, „Мори деј, Невено“, „Ој Вардаре македонски“…
Ансамблот за народни песни и ора „Орце Николов“, е културно-уметничко друштво основано во Скопје, 1945 година. Формирано е од Синдикатот на металските работници на аеродромот Скопје, со задача да ги афирмира македонските народни ора, песни, носии и обичаи.
Ансамблот „Орце Николов“ во својот фундус има повеќе од 670 народни носии од повеќе региони од Македонија и пошироко.