среда, февруари 11, 2026
Дома КУЛТУРА Концертна вечер со „Љубојна“  – магичен музички набој, збогатен со емоции

Концертна вечер со „Љубојна“  – магичен музички набој, збогатен со емоции

14

Во Македонската филхармонија на 29 март! Фантастичните вокални интерпретации на Вера Милошевска оставаат без здив! Таа, заедно со Оливер Јосифовски (контрабасист, композитор и продуцент), веќе 25 години се заштитното име на бендот, тие се  синоним за „Љубојна“. Експериментирајќи и истражувајќи, „Љубојна“ постојано ја освежува нашата естрада

 Јубилејниот концерт на групата „Љубојна“ со пејачката Вера, една од најавтентичните македонски музички групи, ќе се одржи на 29 март, со почеток во 20:00 часот, во Големата сала на Македонската филхармонија. Концерт, кој ќе биде богат со емоции, магичен набој и специјални гости чии имиња наскоро ќе се објават. Тие слават 25 години од сценското постоење, а оваа 2026 ја започнуваат со овој голем целовечерен концерт во живо.

„Љубојна“ кажува сè за себе и за своето име. Тоа се „љубов” и „бој”, со што автентично се пренесува пулсот на музичкиот народен и, воедно, урбан бит, сплотено и со светскиот модерен звук. „Љубојна“ не е само популарно име. Тоа е и идеја која направи супер звук од една, речиси подзаборавена музика, станувајќи јадро околу кое гравитираат многу музичари и од кои публиката има што да слуша. Групата создава музика со сета страст. Со ентузијазам и со жестина изговорени како универзален музички јазик, според космополитскиот код што го носи во себе.

Својата музика, „Љубојна“ ја свири исклучително страсно, со енергија на рок-бенд. Во сите форми: изворна, класична, популарна, експериментална. Фантастичните вокални интерпретации на Вера Милошевска (Јосифовска), оставаат без здив! Таа, заедно со Оливер Јосифовски (контрабасист, композитор и продуцент), веќе 25 години се заштитното име на бендот, синоним за „Љубојна“. Експериментирајќи и истражувајќи, „Љубојна“ постојано ја освежува нашата естрада, одржувајќи го својот звук да биде модерен, моќен, кадифен, елегантен и енергичен.

Нивната музиката е спој на сите звуци на радоста, тагата, еуфоријата, страста, фанкот, соулот, фолкот, ориентот, стомачниот танц, на џезот….Така што, нема ни трошка сомневање дека на 29 март, во Филхармонијата, македонската публика ја очекува концертна вечер посветена на безвременската музика.

 

ИЗДВОЕНИ