Општина Крива Паланка го најавува почетокот на „Кривопаланечко културно лето“ 2025, опсежна културна програма со над 60 настани и содржини наменети за сите генерации. Овогодишната програма има за цел да ја плени публиката од целата држава и поширокиот регион, дополнително поттикнувајќи го културниот туризам во градот.

Програмата официјално започнува на 19 јуни со атрактивното стенд-ап шоу на неповторливиот Сашко Коцев, кое ќе се одржи во Националната установа Центар за култура, Крива Паланка. Кривопаланечката летна културна програма нуди атрактивни содржини за сите генерации: концерти, изложби, литература, уметност, џез, поп-рок музика, фолклор, гастрономија, понуда, за која ќе се бара место повеќе за присуство и ќе приреди незаборавно уживање за публиката од државата и регионот.

По успешната и одлична културно-туристичка промоција на градот за време на манифестацијата „Крива Паланка-Град на културата за 2024“, кога беа реализирани над 150 настани што привлекоа огромен број посетители и туристи во градот, и оваа година летната културна програма е креирана со атрактивни содржини за сограѓаните од сите генерации, но и со цел да се поттикне културниот туризам во градот.

„Кривопаланечко културно лето“ и оваа година ги интегрира традиционалните манифестации:Детски фолкорен фестивал „Паланачка тројка” во јули, „Вечер на Осоговски песни” во јули, 39-то издание на реномираната Меѓународна ликовна колонија „Св. Јоаким Осоговски”, Меѓународен фолклорен фестивал „Св. Јоаким Осоговски”, од 25 до 27 август и Тридневен фестивал на занаети и ракотворби „Шопско село“, што ќе се одржи на градскиот плоштад. На 29 август ќе се одржи музички концерт и „Фестивал на храна“, што ќе понуди одлична можност за дегустација на вкусни традиционална македонска кујна, автентични за кривопаланечкото поднебје.

Ќе има и богата забавна детска програма со атрактивни артисти, жонглери, кловнови, пантомимичари, како и детски претстави на отворената летна сцена во градскиот парк и плоштад

Програмата завршува на 30 август со препознатливиот музички фестивал „Џојфест”. Од општината упатуваат покана до сите љубители на добрата музика, уметност и секако, на добра храна, чист воздух и убава природа, по што е позната Крива Паланка, да бидат гости на градот ова лето.

– Ве очекуваме во Крива Паланка, една од најеколошки-чистите и најуредените општини во државата – велат оттаму.

ИЗДВОЕНИ