Сѐ започна во МКЦ (поранешниот „25 мај – Дом на млади“) во Скопје. Таа многу снежна декемвриска ноќ пред повеќе од 40 години, групата го имаше својот прв концертен настап токму на сцената на тој култен „25 мај – Дом на млади“. Во времето на Југославија, кога конкуренцијата со рок-групите беше навистина силна. Историјата се повторува, па на 25 декември оваа година, на истото место, „Меморија“ ќе го освежи настапот, за незаборав. Се надеваме дека ќе паѓа и голем снег, па сè да биде исто, како некогаш!
На 25 декември, легендарната македонска поп-рок група „Меморија, за сите љубители на нивната музика и, воопшто, на македонската рок-музика, ќе има концертен спектакл. Овој пат, оние најбрзите што ќе дојдат до влезници ќе можат да го проследат тоа што досега никој не го направил во историјата на македонската музичка сцена – да ги собере (речиси) сите членови од досегашни постави на „Меморија“ на едно место. Да бидат на сцената и да ротираат во изведбата на безвременските хитови и евергрин балади од репертоарот на групата.
Токму со ваков своевиден и досега невиден концертен времеплов, „Меморија“ ќе го затвори музичкиот круг. А, сѐ започна во МКЦ (некогашниот „25 мај – Дом на млади“) во Скопје. Таа многу снежна декемвриска ноќ пред повеќе од 40 години, групата го имаше својот прв концертен настап токму на сцената на познатата „Денсинг сала“ во тој култен „25 мај – Дом на млади“.
Токму во тоа име, на 25 декември, на истото место, пред оние што најбргу ќе дојдат до влезници, зашто просторот е ограничен, музичката историја на „Меморија“ ќе се повтори. Се надеваме дека и голем снег ќе паѓа, па сè да биде исто. Само што овој пат, на досега невиден начин, на сцената на сегашниот МКЦ ќе се појават дури 24 музичари од сите фази на бендот, кои ќе ротираат на бината таму каде што сè започна и тоа во различни постави. Нешто што досега никој не го направил, особено не во толкав број музичари кои биле членови на еден бенд и не на ваков начин.
Нема да настапат само оние што, за жал, веќе не се физички меѓу нас, како што е првиот пејач на групата, Зоран Илиќ. Секако, на Зоки ќе се сетиме преку видео и фотоспомени. Нема да настапат ниту оние што од оправдани и од лични причини не можат да бидат таа вечер во Скопје како дел од концертниот времеплов на „Меморија“.
Па, ете, токму така, на сцената на МКЦ би требало да ги видиме и слушнеме: Петар Георгиевски-Камиказа (бас), тапанарите Антонио Димитриевски (сегашен естраден новинар), Сашо Ангелов, Дино Милосављевиќ и Мите Димовски, клавијатуристите Дејан Миновски, Нино Бошњаковски, Зоран Радоњанин, Дејан Кузмановски, Александар Чекреџи, Валентино Скендеровски, Александар Хаџипаунов, Давор Јордановски, гитаристите Ристо Ставрев, Дуле Трпковски-Ринго, Ристо Ицо Јовковски, Александар Стефановски-Јаблан, Игор Атанасовски-Гуру Харе, Пеце Димовски, Димитар Мичо Божиков, Рубин Дикоски, како и пејачите Александар Стефановски-Јаблан, Драган Василевски, Апостол Поце Икономов и Ристо Самарџиев (од ТВ-Сител). Некои од нив ќе допатуваат од Хрватска, од Франција, па дури и од далечниот Мексико, каде што живеат и работат последниве децении.
Покрај познатите хитови и балади, ќе бидат ексклузивно изведени и некои од првите песни на групата, а и некои од подзаборавените теми од самите почетоци на постоењето на „Меморија“, од почетокот на 80-тите години, како што се: „Моја ли си“, „Лето и ти“, „Жорж“, „Град“, „Утра“!… Или како што знае тоа сликовито да го каже еден од главните во бендот, Петар Георгиевски-Камиказа: – Денови ли се денови аргатски маки големи. Само Господ да даде здравје, па сè ќе биде! Во рамките на овој предновогодишен концертен пакет се предвидени уште неколку изненадувања, кои, како и начинот и местото на продажба на влезниците во ограничен број, деновиве дополнително ќе бидат соопштени. (Д. М.) фото:архива












