Со концерт по повод 100 години од раѓањето на композиторите Кирил Македонски и Властимир Николовски, што ќе го исполни оркестарот на Македонската филхармонија, по диригентската плака на Борјан Цанев, и со настап на сопранистката Мила Јаневска, свечено ќе се затвори годинашното 48. Издание на фестивалот „Денови на македонска музика“. На концертот, што ќе се одржи на 16 октомври, со почеток во 20 часот, во Голема сала на Филхармонија, ќе бидат изведени Симфонија бр. 4 (1960) од Кирил Македонски, како и Оркестарска суита „Ин модо антико“ за симфониски оркестар (1957) и „По патиштата“, вокално-инструментален циклус за глас и симфониски оркестар (1960) на Властимир Николовски.

Кирил Македонски (1925 – 1984) е еден од најистакнатите македонски композитори на 20 век, меѓу првите што успешно ги споија традиционалните македонски музички елементи со современите западноевропски музички насоки, создавајќи препознатлив стил што ја одразува националната музичка идиоматика. Музиката на Македонски ја носи уникатната ритмичка и мелодиска пулсација на македонскиот фолклор, кој го сметал за суштинска основа на своето творештво.
Академик Властимир Николовски (1925 – 2001), пак, претставува еден од темелите на македонската композиторска мисла. Неговото исклучително плодотворно творештво не се одликува само по обемот, туку и по длабочината, квалитетот и по инвентивноста. Тој е централна фигура, своевидна оска околу која се движат останатите композиторски правци во македонската музика, оставајќи траен белег во нејзиниот развој.
Вовед во свеченото затворање на фестивалот ќе биде доделувањето на традиционалните награди „Георги Божиков“ и „Панче Пешев“ што Сојузот на композитори на Македонија – СОКОМ, организатор на „Денови на македонска музика“ ги доделува за најуспешни композиторски и уметнички остварувања во претходната година.
Наградата „Георги Божиков“, која СОКОМ ја доделува на музички уметници и ансамбли за најуспешна јавна изведба на дела од македонски композитори – за 2024 година ја добија Камерниот ансамбл „Алтус / Нов здив“ и диригентката Јасмина Ѓорѓеска-Каро.
„Алтус / Нов здив“ во текот на 2024 година одржа низа концерти во земјава и во странство, со богата програма посветена на македонски автори – Зографски, Цанев, Андреевска, Шахов, Трандафиловски, Велковска Трајановска, Начевски, Андовска и други. Ансамблот е составен од врвни уметници (Гонца Богоромова-Краповски, Елена Стојческа, Игор Иванов, Роман Петиот, Мартин Димитровски, Александар Лаовски, Паскал Краповски и Маријана Николовска) и претставува еден од најпосветените промотори на современото македонско музичко творештво.
Јасмина Ѓорѓеска-Каро ја доби наградата, пак, за изведби на дела од Гајдов, Скаловски, Прокопиев, Шуплевски, Зографски, Стојков и други, со своите хорови кои успешно настапуваа и на меѓународни сцени.
Наградата „Панче Пешев“, која претставува највисоко професионално признание што СОКОМ го доделува на музички творци и музички писатели со цел да се истакнат најзначајните музички достигнувања во областа на музичкото творештво и музикологијата – за 2024 година ѝ припадна на композиторката Ана Пандевска за делото „Куклици“.
Композицијата „Куклици“ премиерно се изведе на 28 ноември минатата година, на роденденскиот концерт на Македонската филхармонија и беше една од откупените композиции на конкурсот кој го објави оваа институција со цел да се поттикнат и да се мотивираат домашните автори да напишат нови симфониски дела кои својата праизведба ќе ја доживеат во јубилејната концертна сезона. Ана Пандевска (Скопје, 1985) студира композиција на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класите на Гоце Коларовски и Јана Андреевска, каде дипломира во 2010 година. Нејзиниот опус опфаќа дела за соло-инструменти, камерни состави, оркестар, музика за деца и електроакустични проекти.
Влезот за концертот за затворањето на фестивалот е слободен.