петок, јануари 23, 2026
Дома КУЛТУРА Kонцерт на Трио Анимато во рамки на „Златна лира“

Kонцерт на Трио Анимато во рамки на „Златна лира“

50

Во Музејот на македонската борба, вечерва (20 октомври) во 20:00 часот, во рамките на фестивалот „Златна лира“, концерт ќе одржи Трио Анимато, во состав Светлана Димитриевска, на пијано, Даниела Неделковска, на флејта и Симона Марочковска Манојловска, на флејта.

На програмата се Алексеј Шор со Adio, Farewell Nocturne, King Matt the First, Luxembourg Garden; Трајко Прокопиев со Пасторала; Едвард Елгар со Salut d’Amor; Ф. Доплер со Andante и Rondo op.25; и Ф. Доплер со Rigoletto Fantasie op.38.

Светлана Димитриевска е пијанистка и педагог, раководител на одделот по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје. Дипломирала и магистрирала на Факултетот за музичка уметност во класата на м-р Тодор Светиев. Нејзините ученици редовно освојуваат награди на национални и меѓународни натпревари, а таа паралелно настапува како концертен пијанист со бројни македонски инструменталисти. Член е на жири и организациони комисии на државни натпревари, активен член на ЕПТА Македонија и промотор на Piano Day Skopje, посветен на афирмирање на млади пијанистички таленти.

Даниела Неделковска дипломирала и магистрирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Бети Станковска. Како флејтистка има настапувано со оркестри и камерни состави на фестивали како „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Мајски оперски вечери“ и „Денови на македонска музика“, како и во соработка со бројни културни институции и ансамбли. Паралелно со концертната дејност, таа активно работи како педагог, со ученици кои редовно освојуваат признанија, и е ангажирана во организација на меѓународни натпревари и семинари. Била генерален секретар на Здружението на музички педагози на Град Скопје (2013–2015) и соработувала на натпревари како „Полихимнија“ и „Млади таленти“.

Симона Марочковска Манојловска дипломирала и магистрирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје, исто така во класата на проф. Бети Станковска. Се афирмирала како солистка и камерна музичарка со настапи на „Денови на македонска музика“, концерти со Градскиот дувачки оркестар и со оркестарот „Јохан Штраус“, како и низ низа самостојни концерти во земјата. Работи како професор по флејта во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, каде нејзините ученици бележат бројни успеси на натпревари дома и во странство. Активно е вклучена во организацијата на меѓународниот натпревар „Полихимнија“ и редовно учествува во семинари и педагошки проекти.

Влезот на концертот е слободен.

ИЗДВОЕНИ