Центарот за култура – Битола со „Божиќен концерт“ го започна серијалот музички настани, кои ќе продолжат на 24 јануари, со настапот на хрватскиот уметник и актер Раде Шербеџија.
– НУ Центар за култура – Битола, како добар домаќин на сите креативни проекти, продолжува со ланското темпо. На 24 јануари, наш гостин ќе биде Раде Шербеџија, кој премиерно ќе изведе нова музичка композиција, а во февруари концерти ќе одржат Сефедин Бајрамов, групата „Чоканче“ и други уметници – вели Сашо Илковски, директор на оваа национална установа.
Во пресрет на гостувањето во Битола, актерот Петар Мирчевски, пак, потсети на соработката со Шербеџија и на настапите во македонски филмови.
– Раде Шербеџија не е само личност туку и институција. Генијален актер, режисер, писател, шансониер, професор, татко, дедо… и најмногу од сè, тој е голем човек. Со Раде настапив во „Пред дождот“, потоа во филмот „Анка“, но и во „Трето полувреме“ и во филмот „Ослободување на Скопје“. Раде Шербеџија е еден обичен човек, но мој идеал и затоа од големо значење за културната јавност во Битола е неговото гостување во нашиот град – истакна актерот Петар Мирчевски.
Раде Шербеџија и групата „Западни колодвор“, освен во Битола, ќе настапат и во Скопје, каде што ќе биде изведена музика од албумот „Кога љубовта ќе умре“












