Концерт на пијанистката Дуња Иванова во КИЦ

15

Во Културно-информативниот центар во Скопје, на 8 октомври, со почеток во 20:00 часот, пијанистката Дуња Иванова ќе одржи концерт со наслов „Кругови“. Централен дел од програмата на концертот се четирите пиеси со истоимен наслов, чиј автор е пијанистот и композитор Дино Имери. Иванова премиерно ќе ги изведе неговите: „Ни ваму ни таму“, „Валцерот на Миро“, „Мајка“ и „Дрво“.

На програмата ќе бидат изведени и дела од македонскиот композитор и аранжер Давор Јордановски („Violet et noir“ и „Alma“), како и дела од современата полска композиторка Ханија Рани („Buka“, „Eden“ и „Silent Night“).

Дуња Иванова е пијанистка со богата концертна дејност, доктор по филозофија со специјализација за естетиката на музиката. Зад себе има бројни настапи како солист и со камерни состави на реномирани сцени во Македонија, Европа и во Америка, каде што публиката ја препознава по чувствителниот музички израз и по длабокото разбирање на делата што ги изведува. Соединувајќи ја уметничката и теоретската мисла, таа ја гради својата кариера како интерпретатор, истражувач на музичката убавина, наставник и автор.

Концертот „Кругови“ обединува музика на тројца исклучителни автори, кои, со својот уникатен музички израз, чинат неверојатна приказна. Влезот за концертот е слободен.

Ханиа Рани е полска пијанистка и композиторка, чија музика ги спојува минимализмот, џезот и современата класика во интимен и искрен израз.

Дино Имери е еден од најистакнатите македонски пијанисти и композитори, чија кариера ги опфаќа настапите со најреномираните оркестри и фестивали во Европа и пошироко. Неговото дело „Кругови“ е инспирирано од истоимениот роман на македонската современа авторка Тина Иванова – четиво кое низ интимен и искрен раскажувачки тон ги отвора прашањата за повторувањето и за пресвртот во животот, за круговите што нè враќаат кон себе, но и нè водат кон нови патеки на разбирање.

Давор Јордановски, македонско-канадски композитор и пијанист, е познат по својот креативен пристап, кој спојува класични и современи музички јазици, создавајќи дела со моќна емоционална длабочина и универзална привлечност. Композициите „Violet et noir“ и „Alma“ претставуваат најава за наредниот целовечерен концерт на Дуња Иванова, на кој ќе биде изведен циклусот „10 пурпурни ноктурна за пијано“ на Јордановски.

ИЗДВОЕНИ