Концертот насловен „National Jazz Orchestra with String Ensemble“, што Националниот џез-оркестар ќе го одржи на 30 јануари, со почеток во 20:00 часот, во Македонската филхармонија, ќе го означи стартот на концертната сезона 2026 на оваа музичка институција.
Националниот џез-оркестар, на концертот, ќе настапи заедно со гудачки ансамбл составен од музичари на Националната опера и балет.
Под диригентство на маестро Џијан Емин, ќе бидат изведени авторски композиции на македонските композитори Трајче Велков, Гордан Спасовски, Зоран Костадиновски, Џијан Емин, Гоце Стевковски, Сашко Николовски и Георги Шарески.
Како солисти, пак, ќе настапат Кирил Кузманов на саксофон и флејта, како и Бојан Цветковиќ на пијано.
Како драг гостин на вечерта ќе настапи Георги Шарески – гитарист и композитор, чиј израз и музички сензибилитет природно се впишуваат во звучниот карактер на оваа концертна целина.
Овој концерт претставува симболично отворање на новата концертна сезона, во која Националниот џез-оркестар продолжува да ги негува и да ги развива современиот музички израз и соработката меѓу различни оркестарски традиции.
Како што истакнуваат оттаму, во овој редок и внимателно обликуван спој, оркестарскиот звук се проширува и се продлабочува, создавајќи нова звучна димензија.
– Ова е вечер во која музиката зборува сама за себе и нè носи надвор од секојдневниот ритам, додаваат од Националниот џез-оркестар.
фото: Архива на весникот Вечер












