Во Националната опера и балет вечерва (20 ч.) концерт ќе одржи Националниот џез оркестар и американскиот гитарист Курт Розенвинкел. Диригент на концертот ќе биде маестро Владимир Николов.
Господинот Розенвинкел е еден од највлијателните современи џез-гитаристи, познат по својот препознатлив музички јазик, техничка виртуозност и длабока емотивна изразност. Eric Clapton го нарече „гениј“, а The New York Times истакнува дека „со само неколку ноти, тој кажува повеќе отколку што многумина постигнуваат за цела кариера“.
Концертот со Националниот џез оркестар претставува негов прв настап во Скопје и исклучителна можност за љубителите на џезот да уживаат во музика од највисок ранг.