Националниот Џез-оркестар, на 19 февруари, со почеток во 20 часот, ќе одржи концерт со светски познатиот пијанист и органист, Ренато Чико (Renato Chicco). Концертот ќе се одржи во Националната опера и балет во Скопје, под диригентската палка на маестро Џијан Емин.
Ренато Чико е музичар чиј израз се обликувал на њујоршката џез-сцена во 1990-тите години. Во тој период, како член на оркестарот на Lionel Hampton и музички директор на Jon Hendricks & Company, Чико дејствувал во самото јадро на американската биг-бенд традиција, настапувајќи и во култни џез-клубови како Blue Note и Birdland.
Денес, неговиот авторски потпис најјасно се препознава преку звукот на хамонд-оргулите – инструмент кој во проектот Organ & Big Band e поставен во центарот на оркестарскиот израз.
На концертот ќе биде изведена програмата од неговиот албум First Encounter – Organ & Big Band – проект што ги поставува хамонд-оргулите во современ биг-бенд формат, преку оригинални композиции и специјално пишувани аранжмани.
Специјален гостин на вечерта е Andy Watson (Њујорк) – бубњар со богата кариера на американската џез-сцена и соработник на ансамбли како Vanguard Jazz Orchestra и Toshiko Akiyoshi Big Band. Неговиот препознатлив грув и стил претставуваат клучен елемент во звучниот идентитет на овој проект.
Билети со 50 % попуст за студенти и пензионери ќе бидат достапни на денот на концертот, еден час пред почетокот, на билетарницата на Националната опера и балет, со приложување соодветен документ.












