Во Музејот на македонската борба, на 5 октомври, во 20 часот, во рамки на 48. Денови на македонска музика ќе се одржи концерт на млади уметници на кој ќе настапат Ангела Андовска – сопран, Јана Каевска – флејта, Марија Најдовска – труба, Ивона Базгалоска – пијано, Искра Атанасова-Митуш – пијано и Ивана Здравкова – виолина.
На програмата се Трајко Прокопиев со „Дојранка“ за флејта и пијано, Томислав Зографски со „Десет минијатури“ за пијано, Благоја Ангелески со „Тешкото“ за труба и пијано, Стојан Стојков со „Корал“ за труба и пијано, Благој Цанев со „Цветови“ за глас и пијано, Тодор Скаловски со „Шарпланинска“ за глас и пијано, Гоце Коларовски со „Два прелудиуми“ (верзија за флејта и пијано), Томислав Зографски со „Песна за виолина“, Гоце Коларовски со Вечерен ѕвон за пијано, Михаило Трандафиловски со Два спектрални танци, Драган Ѓаконовски-Шпато со „Елегија“ за виолина и пијано.
Концертот на младите музички таленти претставува традиционален дел од програмата на фестивалот „Денови на македонска музика“. Низ годините, фестивалот им дава континуирана поддршка на најперспективните уметници, од кои многумина денес се афирмирани музичари со успешни кариери во изведбата на класичен и современ музички репертоар.
Фестивалот ја истакнува улогата на младите изведувачи во претставувањето на македонското современо музичко творештво и во нивниот развој како идни истакнати претставници на нашата културна сцена. На концертот ќе бидат изведени дела од македонски композитори од постарата и поновата генерација. Влезот на концертот е слободен.
Фото: Ивона Базгалоска, приватна архива