Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија вечерва ќе се одржи концерт на квинтетот саксофонисти – „СаксКлар“. Македонските музичари, преку аранжманите на Нинослав Димов специјално подготвени за овој неконвенционален музички камерен ансамбл, ќе се претстават со исклучителен репертоар, кој вклучува разни музички стилови, и ќе ги задоволат сите сетила и вкусови на љубителите на музичката уметност.

Реномираните саксофонисти: Стојан Димов, Нинослав Димов, Горан Трајковски, Григори Ангелов и Ѓорѓи Димовски го сочинуваат квинтетот кој е единствен камерен состав од овој вид, не само во Македонија, туку и пошироко.

Во рамките на програмата ќе бидат изведени дела од Волфганг Амадеус Моцарт, Јохан Себастијан Бах, Џорџ Гершвин, Бела Барток и Бела Ковач.

Стојан Димов завршува основно и средно музичко образование во Велес и Скопје, Македонија. Од 1975 до 1980 година бил на додипломски и постдипломски студии во Универзитетот во Скопје и Загреб, во класите на проф. Иван Кочаров и проф. Јосип Нохта. Својата втора магистерска диплома ја добива во 1993 година на Универзитетот во Скопје. Од 1980 до 1995 година е соло кларинет на Македонската филхармонија, а во исто време е и член на Биг бенд при МРТ. Од 2002 е член на групата на Горан Бреговиќ. Преку годините бележи многубројни рецитали, солистички настапи со најпознатите светски оркестри, соработка со најдобрите диригенти, и многу настапи во разни камерни ансамбли.

Нинослав Димов е роден во 1982 во Скопје. Со музичко образование започнува уште од најмала возраст преку изучување на пијано во Државниот музичко балетски центар „Илија Николовски – Луј“. Во меѓувреме покажува и интерес инструменти саксофон, за дувачките кларинет и со и нивно практицирање продолжува до денес. Од 2000 година студира Саксофон на Факултетот за музичка уметност при УКИМ, каде дипломира (Cum Laude) во класата на проф. Стојан Димов во 2004. По завршувањето на додипломските студии, во 2005 запишува постдипломски студии на истиот факултет и класа, каде магистрира.

По дипломирањето во Скопје, 2004 година продолжува со своите студии во Берлин, Германија, на Universität der Kunste, во класата на проф. Детлеф Бенсман. Во Берлин 2006 успешно ги завршува додипломските студии по саксофон и продолжува со специјализација „Konzertexamen“ се до 2009 год. Преку работата со меѓународно реномираниот саксофонист Детлеф Бенсман го гради својот денешен уметнички израз, за кој е карактеристична прецизната техника, префинета интерпретација и леснотијата на изведувањето при користење на максималните можности на инструментот. Учесник е на повеќе семинари и летни школи по саксофон (Хрватска, Словенија, Франција, Грција, Германија), како и на национални и меѓународни натпревари (Северна Македонија, Србија, Бугарија, Хрватска, Грција, Словенија, Германија…), каде е добитник на повеќе награди.

Саксофонистот Горан Трајковски своето музичко образование го гради во Државното музичко училиште во Битола, а потоа на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Стојан Димов, каде што магистрира во 2011 година. Во својата кариера како солист бележи настап со Македонската филхармонија и Битолски камерен оркестар, каде што и самиот е дел од оркестарот како саксофонист по потреба. Учесник е на повеќе семинари кај врвни уметници и педагози, како што се проф. Детлеф Бенсман, професор на универзитетот во Солун и други значајни уметници и педагози. Од 2014 година работи како професор по саксофон и кларинет во Државното музичко училиште во Битола каде бележи одлични резултати со своите ученици. Од 2020 година ја презема улогата на организатор и уметнички раководител на реномираниот фестивал СаксКлар, кој по својата уникатност е единствен фестивал од овој вид во регионот.

Григори Ангелов (2003) е роден во Скопје. Своето основно и средно музичко образование го стекнува во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, на инструмент саксофон во класа на проф. Владимир Трајаноски. Во текот на своето образование има учествувано на натпревари во рамки на државата и во регионот, како и многубројни семинари и фестивали по саксофон низ Европа. Некои од тие фестивали и натпревари се: Меѓународен натпревар по саксофон во Лариса, Грција (II место); Државен натпревар по саксофон 2022 (I место); Меѓународен натпревар по саксофон „Саксофонијада“ во Смедерево, Србија (II награда); Меѓународен натпревар по саксофон „Lions“ во Солун, Грција; Меѓународен фестивал по саксофон „АС Блед“, Словенија; Меѓународен фестивал по саксофон „Емона“ во Љубљана; Меѓународен фестивал по саксофон „Саксофобија Братислава“, Словачка; Меѓународен фестивал по саксофон во Грац, Австрија.

Ѓорѓи Димовски (2004) почетокот на своето музичко образование го започнува во неговиот роден град – Битола, во Државното музичко училиште, во класата на проф. м-р Боби Коминовски. Понатамошното освновно и средно образование ги продолжува во класата на проф. м-р Горан Трајковски. Во моментов тој е студент на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. м-р Нинослав Димов. Учествувал на повеќе меѓународни и државни натпревари на кои се стекнал со 4 први награди на државниот натпревар во Скопје од кои една специјална, прва награда на меѓународниот натпревар „Охрид те сакам“, 2 први и 1 втора награда на меѓународниот натпревар „Стеван Мокрањац“ во Србија-Пожаревац, 2 први награди на меѓународниот натпревар „Саксклар“ во Скопје, 1 прва награда на меѓународниот натпревар „Охридски Бисери“ и 2 лауреати на меѓународниот натпревар во Лариса-Грција во 3 та и 4-та категорија, каде два пати е награден со алт саксофон. Исто така, учествувал на натпревари по камерна музика на државниот натпревар во Скопје и на меѓународниот натпревар „Охридски Бисери“. Ѓорѓи соработува и со други оркестри како што се Дувачкиот Оркестар од Битола, Камерниот Оркестар од Битола и FAME’S.

ИЗДВОЕНИ