Македонскиот вокалист и гитарист кој живее во САД, Крсте Роџевски, на 13 септември, од 20:30 часот, заедно со американската виолончелистка Томика Рид ќе одржи концерт во Македонската филхармонија. Публиката ќе има можност да ги слушне македонските композиции на Роџевски, претежно од неговиот култен првенец „Батанија“ и од неговиот најнов албум „Крстена вода“. Настапот на Роџевски и Рид ќе го збогатат специјалните гостинки Вера Милошевска-Јосифовска и Дина Јашари.

Како што најави Роџевски, ова ќе биде акустичен, интимен концерт.

Роџевски, кој живее и работи во Њујорк од крајот на 90-тите, зад себе има седум студиски албуми за издавачки куќи во САД и Грција, во кои соработува со плејада истакнати музичари од даунтаун сцената на Њујорк и Чикаго, како Крис Дејвис, Адам Рудолф, Ингрид Лауброк, Мери Халворсон, Бил Ласвел, Џеф Паркер, Никол Мичел, Крис Спид.

Роџевски и Рид вторпат настапуваат на иста сцена во Македонија. Првиот на „Оф-фест“ 2019, кога во живо изведоа композиции од првите три албуми на Роџевски, заедно со Мери Халворсон, Тома Фуџивара, Мајкл Бланко и Кирк Кнафке.

Нивната музичка соработка започнала пред десетина години, кога Рид свиреше виолончело на „Bitter Almonds“, вториот студиски албум на Роџевски. Подоцна, таа свиреше и на синглот „Горно Дупени“, како и на новиот аранжман на традиционалната песна „Ој љубов“, кој Роџевски го напиша за саундтракот на филмот „Врба“ на Милчо Манчевски. За време на пандемијата, Роџевски го сними албумот „Fair Weather Friends“, љубовно писмо до Чикаго, со елитата на чикашката џез и експериментална сцена, во кој повторно учествуваше Томика, како дел од музичката екипа.

ИЗДВОЕНИ