Во Музејот на македонската борба, на 6 јуни, од 20:00 часот, концерт ќе одржи гудачкиот квартет „Атака“ во состав: Ева Богоевска – виолина, Марија Трајковска – виолина, Илза Бафтиари – виола и Маја Михајловска – виолончело. Концертот е во чест на 120 години од раѓањето на Стефан Гајдов и 100 години од раѓањето на Властимир Николовски и Кирил Македонски – композитори чија дејност ги постави темелите на македонската современа музика.
– Концертот се реализира во рамките на одбележувањето на три големи јубилеи и им е посветен на тројцата истакнати македонски композитори и музички дејци. Преку изведба на нивни избрани дела, овој настан претставува достоинствено чествување на нивното творештво и историски придонес, а истовремено потсетува и ги афирмира континуираниот развој и значењето на современата македонска музичка сцена – посочуваат од Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ и од Балканскиот музички форум. Влезот на концертот е слободен.
Гудачкиот квартет „Атака“ е состав кој со својата младешка енергија, стилска автентичност и максимален влог во изведбата брзо се наметна како значаен дел од домашната музичка сцена, особено преку интерпретациите на делата на македонските композитори. Формиран во 2022 година, квартетот редовно учествува на фестивалот „Денови на македонска музика“, каде што се наметна како уверлив толкувач на камерните дела од македонски композитори од различни генерации (Драгослав Ортаков, Ристо Аврамовски, Гоце Коларовски, Јана Андреевска, Валентина Велковска Трајановска, Гоце Гавриловски, Филип Иванов). Критиката ги препознава нивните настапи како извонредно стилско музицирање што создава впечаток на „музички вител“. Звукот на „Атака“ е полн, активен и внимателно избалансиран. Квартетот „Атака“ од своето основање покажува длабока посветеност кон македонското музичко творештво, интегрирајќи го во својот репертоар со автентичен сензибилитет. Нивните интерпретации не само што ја реафирмираат вредноста на домашната музичка мисла, туку и внесуваат свежа уметничка перспектива, создавајќи динамично звучно искуство за публиката.