Сè околу нас, а и во нас, е во некое движење. Па самите молекули и атоми се цело време во некое правилно повторување на движења (на моделот) во некој ритам, додека бројот на зачестеноста/повторувањата еден настан во единица време е фреквенција. Според „Исо 2831” стандардот, фреквенцијата на човекот е 7.8 херци и се нарекува Алфа состојба, а Шумановата фреквенција е основна фреквенција на земјата со вредност од 7.83 херци и затоа постои таа синхронизација на човекот со природата. Но тоа не значи дека во друг ритам и друга фреквенција, човекот нема да може да функционира.
Како доказ за тоа дека ние, хуманоидите, функционираме и на разни други нивоа на фреквенција и ритам, е концертот на групата „Парусион”. Таму имаше такви менувања на ритамот и на фреквенцијата, небаре поминуваш низ разни мултиверзуми со различни бои, значења, димензии и сите тие те водат во други нивоа на свест. Треба само да седнеш, да се опуштиш, да се отвориш како цвет кој се отвора на убаво сончево време и да слушаш, а неверојатната музика те вози со својата временска капсула насекаде. Сето тоа уживање, во траење од околу 90 минути, ни го приредија еден феноменален тапанар (Михаил Парушев, кој е и лидер на групата, продуцент и автор на речиси сите песни), заедно со останатите членови и нивните гости, мајстори на својот занает и тоа: Зоран Костадиновски, Јован Цветкович, Сенад Усеин, Иван Бејков и Петар Колевски.
Публиката одушевено аплаудираше, играше и, едноставно, уживаше во овој спој на повеќе музички стилови, каде што, сепак, доминантен беше џезот. Пред секоја песна, Парушев даваше краток вовед за тоа што ќе свират, како настанала таа песна, на кој албум од околу 30-ина досега издадени се наоѓа, на кого е посветена.
Обично не сакам да истакнувам поединци, затоа што тие, сепак, дејствуваат заедно како група, но овој пат морам да го пофалам трубачот Сенад Усеин (работи во Македонскиот национален џез-оркестар), кој како гостин му даде посебен белег на настанот, боејќи го звукот на групата со сопствени прекрасни бои. На крајот на концертот, посебен поклон за публиката даде Михаил на бис, сам, со тапаните, докажувајќи дека сè е возможно во рацете, душата и мозокот на еден вистински мајстор заљубен во својот занает. По неколку минути, му се приклучи и перкусионистот со еден голем македонски тапан, заедно создавајќи мешан, комплексен, прекрасен звук врз основа на македонските народни мотиви , менувајќи разни ритми со разни фреквенции. Уживање кое не сакаш да престане. Потоа им се приклучија и останатите од групата, збогатувајќи го и онака богатиот звук со нивни импровизации. На крајот, ова не беше само концерт, ова беше бајка одамна напишана во книгата на ритамот, само требаше некој да ја пронајде, состави и да ни ја подари на нас, публиката.
Љупчо ДАВЧЕВ












