Во Музејот на македонската борба, на 9 октомври, во 20 часот, во рамки на 48. Денови на македонска музика, концерт ќе одржи дувачкиот квартет „Консонанс“. На програмата се Филип Иванов со Македонски танци и стара песна, Љубомир Бранѓолица со Медитеранска суита за дувачко трио, Ангел Спироски со What Was Sung On The Back Of The Whale, Бојана Петровиќ Алексова со ostCinLato, Валентина Велковска Трајановска со Ѕвезден траг и Благој Цанев со Девет минијатури за дувачки квартет.

Дувачки квартет „Консонанс“, кој го сочинуваат  Елена Дојчинова – флејта, Маја Кастратовиќ – англиски рог, Здравко Ангелов – кларинет и Сашко Темелковски – бас кларинет,  е формиран во 2007 година. Квартетот  претставува една од ретките формации во Македонија посветени на континуирано развивање и афирмирање на камерниот репертоар за дрвени дувачки ансамбли. Основан од инструменталисти на Филхармонијата, со текот на годините ансамблот развива јасен интерпретациски идентитет, во кој индивидуалните искуства на музичарите се вкрстуваат во заедничка звучна целина. Нивната работа се одликува со аналитички и истражувачки пристап кон репертоарот за дрвени дувачки инструменти, преку кој камерната музика се согледува во современ интерпретациски контекст и се отвораат нови можности за нејзин развој во македонскиот музички простор.

Влезот на концертот е слободен.

Фото: Квартет „Консонанс“, приватна архива

ИЗДВОЕНИ