Во Музејот на македонската борба, на 28 октомври, во 19 часот, во рамки на фестивалот „Златна лира“ ќе се одржи концерт на добитниците на наградата на СМУМ на натпреварот „Охридски бисери“.
Притоа, од 19 часот настапуваат Ѓорѓи Димовски на саксофон, добитник на наградата на СМУМ и Маја Божиновска, на пијано, а на програмата ќе бидат исполнети Роберт Муцински, Роже Бутри, Томислав Зографски, Александар Глазунов, Алфред Дезанкло. Од 20:00 часот, пак, настапува Андреј Шаклев, на пијано со Ј. С. Бах / Ф. Бузони, Фредерик Шопен и Сергеј Рахмањинов.
Традиционалниот концерт на наградените учесници од натпреварот „Охридски бисери“, кој е составен дел од програмата на фестивалот „Златна лира“, повторно ќе го претстави уметничкиот потенцијал на најистакнатите млади музичари од земјата. Овој концерт претставува вредна традиција и значаен дел од мисијата на „Златна лира“– да создава континуитет меѓу музичката едукација и професионалната уметничка сцена. Преку овој настап, младите добитници на наградата на Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ) добиваат ретка можност својот талент и уметност да ги претстават на концертен подиум рамо до рамо со веќе афирмирани уметници, отворајќи го патот кон нивниот понатамошен професионален развој. Меѓународниот натпревар „Охридски бисери“, основан во 2002 година, е единствениот македонски натпревар кој е член на Европската асоцијација на музички натпревари (EMCY). Со своите високи критериуми, интернационално жири и награди што ги поттикнуваат младите кон уметнички раст, тој претставува клучна платформа за откривање и поддршка на музички таленти.
Влезот на концертот е слободен.












