„На концертот настапија преку 200 учесници од различни возрасти од 5 до 55 години. Настапија од игроорците од најмладата група до највозрасната, како и хорот и оркестарот на културно уметничкото друштво. Големи пофалби и за оркестарот кој првпат настапува во овој состав“, изјави за весникот ВЕЧЕР, Благоја Јованоски, директор на АКУД „Мирче Ацев“, кој одржа настап во Домот на АРМ по повод 24 Мај, денот на македонските просветители „Св. Кирил и Методиј“

 

„Од А до Ш, од љубов до реализација, од славење на корените до потсетување на минатото и вистинските вредности, генерации на деца ни покажуваат дека традицијата се негува и живее“, ова е само една од бројните реакции по извонредниот концерт кој Академското културно-уметничко друштво „Мирче Ацев“ го одржа по повод 24 Мај, денот на македонските просветители Св. Кирил и Методиј“ во Домот на АРМ.

И како што додава еден од родителите на најмладите членови на ова фолклорно друштво „Развезивте и букви и зборови и ора бесконечни, подучувајќи не дека треба да бидеме будни и во ваш такт…“

Традиционално и оваа година се одржа концерт на АКУД „Мирче Ацев„ со сплет од песни, игри и ора. Настанот предизвика големо внимание што можеше да се види од преполната сала и огромниот аплауз.

-Концертот помина одлично и ние сме презадоволни со оглед на тоа колкави можности ни нуди салата во ДОМ на АРМ. На концертот настапија преку 200 учесници од различни возрасти од 5 до 55 години. Настапија од игроорците од најмладата група до највозрасната, како и хорот и оркестарот на културно-уметничкото друштво. Големи пофалби и за оркестарот кој првпат настапува во овој состав, изјави за весникот ВЕЧЕР, Благоја Јованоски, директор на АКУД „Мирче Ацев“.

Салата беше преполна, а имаше и луѓе кои седеа и стоеја на скали. Тоа говори дека кај македонскиот народ сè уште постои интерес за фолклорот и за зачувување на традицијата.

„Преку фолклорот ја чуваме традицијата и корените. На овој начин нашите деца не само што ќе ги научат да ги играат традиционалните македонски ора, туку ќе разберат кои се, од каде потекнуваат и кои се нивните предци. Децата кои се израснати со фолклор утре ќе знаат кои им се корените, која им е културата и традицијата. Кога ќе пораснат и ќе патуваат низ светот тие тоа ќе го носат во себе и никој нема да може да им каже дека македонските ора не се македонски или дека македонскиот јазик не е македонски“, кажа за весникот ВЕЧЕР еден од родителите на децата учесници на настанот. (Д.Т.)

 

ИЗДВОЕНИ