Со концертот насловен „Бајка“, оркестарот на Македонска филхармонија в четврток (18 септември) со почеток во 20 часот ќе гостува во Домот на културата во Гевгелија. Како солистка на овој концерт ќе настапи виолинистката Ана Кондратенко, концерт-мајстор во Филхармонијата.
На концертот во Гевгелија, Кондратенко воедно ќе го води оркестарот во изведбата на композициите „Come in!“ („Чукни и влези“) од Владимир Мартинов и „Писма до пријателите“ од Гија Канчели.
Кондратенко е родена во Новосибирск, Русија, каде што почнува да свири виолина на четиригодишна возраст. Своето музичко образование го започнува во Специјалната музичка школа во класите на О. Марченко и А. Гвоздев, а продолжува во класата на проф. В. Третјаков на Високата музичка школа во Келн, каде што дипломира во 2004 година.
– Како солист и концерт-мајстор настапува со Младинскиот симфониски оркестар (Новосибирск), Симфонискиот оркестар на Филхармонија (Новосибирск), Интернационалниот симфониски оркестар (Мичиген, САД), Класичната филхармонија во Бон (Германија), Националната филхармонија и други во Русија, Украина, Унгарија, Германија, Шпанија, Франција, Бразил, Америка, Малезија, Кина, Либан и Јапонија. Исто така, учествува на различни мастер-курсеви (кај З. Брон, Д. Зигмонди) и фестивали, меѓу кои: „Моцартеум“ (Австрија), „Mузички денови во Холцхаузен“ (Германија) и др. Таа е победник на многубројни сериски и меѓународни натпревари, меѓу кои и Ерденко и Мравински во Русија и Ј. Ниман во Германија.
Пред две години, Кондратенко го основа квартетот „Филхармонија“ составен од членови на оркестарот на Македонската филхармонија, со кој остварува настапи на домашни и на меѓународни фестивали. Моментно работи како концерт-мајстор и солист во оркестарот на Македонската филхармонија и како концерт-мајстор и солист на оркестар на „F.A.M.E.S Project“ во Скопје, наведуваат од НУ Филхармонија на РСМ.