Коњановски: Партнерството со граѓаните е најтранспарентната алатка при креирање буџет

174

Партнерството со граѓаните е најтранспарентната алатка при креирање буџет, изјави градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.

На вчерашниот „Буџетски форум“ во Битола, Коњановски посочи дека негувањето на оваа јавна дебата овозможува транспарентност.

–Ние во контакт со граѓаните ги анализираме нивните размислувања и идеи, и ги имплементираме. Со четирите форуми полесно ќе го креираме локалниот буџет, а граѓаните ќе почувствуваат дека се испочитувани и дека нивните идеи се реализираат. Искуствата од минатите години се одлични, интересот е се поголем, а потврда за тоа се вклучените граѓани, граѓански организации, спортски друштва, претставници на културата и други претставници на јавниот живот на градот кои директно учествуваат на овој Форум. Ние како транспарентна општина, и ретка која во континуитет организира буџетски форум продолжуваме со негување на оваа важна алатка за животот на градот – истакна Коњановски.

Со првата сесија од „Буџетскиот форум“, Општина Битола почна и со креирање на буџетот за 2026 година, посочи Рубин Николоски, сертифициран модератор на ЗЕЛС за програмата „Форум на заедниците“.

– Општина Битола непоттикната од надворешен донатор реши по четврт пат да спроведе Буџетски форум како најтранспарентна, најодговорна и најефикасна алатка за креирање на буџетот. Тоа е директна демократија и партиципативност на граѓаните во процесот на донесување одлуки. Општината почна со планирање на проектната и буџетската визија и на тој начин граѓаните имаат директно право да предлагаат идеи за ликот на градот – истакна Николоски.

Во изминатиот период низ процесот „Буџетски форум“ во Општина Битола беа предложени, а потоа и реализирани повеќе проекти меѓу кои отворено лизгалиште на Широк Сокак, велосипедски патеки, бајк-парк Смолево, нова урбана опрема на Широк Сокак, отстранување на диви гаражи и урбанизирање на инфраструктурата во градот.

 

ИЗДВОЕНИ