Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ продолжува со својата практика да не го собира сметот редовно. Жителите се жалат дека не им се испразнети кантите и  повеќе од 20 дена и дека низ ѓубрето надвор од преполните контејнери почнале да шетаат и глувци. Извори од градското комунално претпријатие велат дека е тоа во катастрофална состојба последниве четири години и оти е финансиски исцрпено. Наведуваат дека не знаат каде одат парите од граѓаните за ѓубретарина. Камионите биле пред распад и немало ни резервни делови, бидејќи не се издвојувале средства за тоа, ниту, пак, се набавувале нови возила. Веќе почнале да им доцнат и платите. Премиерот Христијан Мицкоски вчера уште еднаш им се извини на скопјани за тоа што пред четири години ја поддржа Данела Арсовска за градоначалничка на Скопје. Тој изјави дека чувствува одговорност за таа одлука, но истакна дека ќе има и политичка и институционална разрешница на сегашната состојба, поради која главниот град е затрупан со ѓубре

 

Скопје продолжува да се дави во ѓубре. И покрај големиот број реакции од граѓаните дека, освен загадениот воздух, болест ќе им донесе и несобраното ѓубре од контејнерите и од кантите, ЈП „Комунална хигиена“ продолжува со својата практика да не го собира сметот редовно. Жителите се жалат дека не им се испразнети кантите и повеќе од 20 дена и дека населбите замирисале на отстоено ѓубре, што претставува потенцијална опасност за појава на заразни болести. Граѓаните велат дека низ ѓубрето покрај преполните контејнери почнале да шетаат и глувци.

Извори од ЈП „Комунална хигиена“ информираат дека претпријатието е во катастрофална состојба последниве четири години и дека е финансиски исцрпено. Велат дека не знаат каде одат парите од граѓаните за ѓубретарина. Камионите биле пред распад, а немало ниту резервни делови, бидејќи не издвојувале средства за тоа, ниту, пак, се набавувале нови возила.

Веќе и фирмите што ги сервисирале возилата се жалеле дека не им се плаќа. Тврдат дека Управниот одбор на претпријатието не е виновен за состојбата на претпријатието, како што тврдеше скопската градоначалничка Данела Арсовска, туку оти директорите  што таа ги поставувала во планот за работа на претпријатието немале ставено никаква набавка  на возила.

Освен тоа, вработените сакале да си ги извршуваат обврските, но немале со што. Чекале да дојде камион со часови, но камион немало, бидејќи повеќето биле расипани, а на  располагање имало само околу 5-6. Освен тоа, во последно време почнале да доцнат и платите, наместо на секој први, како што земале претходно, сега земаат на 20 во месецот.

Нагласуваат дека во ваква состојба претпријатието не било во мандатот на претходните градоначалници, Коце Трајановски и Петре Шилегов.  Додаваат дека тогаш имало и за нови возила, за резервни  делови и за плата и се функционирало најнормално.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска уште еднаш им се извини на скопјани за тоа што пред четири години ја поддржа Данела Арсовска за градоначалничка на Скопје. Тој изјави дека чувствува одговорност за таа одлука, но истакна дека ќе има и политичка и институционална разрешница на сегашната состојба, поради која главниот град е затрупан со ѓубре.

– Работиме внимателно. Ние не правиме естрада од ништо, водиме политика, која е многу внимателна. Процесите што ги водите имаат одговорност и на крајот тој процес мора да има име и презиме. Бидете сигурни дека ќе има одговорност и ќе има име и презиме – рече Мицкоски.

Арсовска, пак, возврати дека им се извинува на граѓаните што мислела дека е тој чесен, интелектуалец и професор. Таа остро го осуди премиерот за состојбата во главниот град и му порача дека ако сака да постои одговорност, тогаш треба советниците од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје да поднесат оставка, бидејќи во изминатите четири години го блокирале и го урнисале градот.

Поради алармантната состојба и реакциите од граѓаните, дел од градоначалниците на скопските општини ги зедоа работите во свои раце и, заедно со комуналците, го собираа ѓубрето на терен.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, кажа дека потпишале договор со директорот на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, Душко Коцевски, за изнајмување  дополнителна механизација и опрема за расчистување на сметот. Со договорот биле обезбедени ѓубретарки, цистерни, метларки, изнајмување метални контејнери и возило за нивно подигање и транспорт, машина за бележење хоризонтална сигнализација. Тој најави дека веднаш ќе почнат со новата механизација и дека ќе се спроведат сериозни акции за чистење за да се спречи хаосот, кој, како што нагласи, го создаваат „Комунална хигиена“ и Градот Скопје.

И од Општина Аеродром работат со сопствени сили. Оттаму велат дека во вторникот собрале над 10 тони (50 кубни  метри) отпад, кои завршиле во „Дрисла“. Истакнаа дека не е тоа еднократна акција, туку е секојдневна работа на Општината. Тие додаваат дека ќе продолжат да го прават тоа уште поинтензивно.

В.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, најави дека доколку нема веднаш реакција од ЈП „Комунална хигиена“, ќе поднесе кривична пријава за загрозување на животната средина согласно со член 218 од Кривичниот законик и секојдневно ќе бара постапување од Обвинителството и од МВР.

– Ова не е политика, ова е прашање на достоинство, здравје и иднина – дециден е Митески.

Претходно, и градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, реагираше за преполните контејнери и за кантите на територијата на Општината.

– Ова што се прави деновиве со ѓубрето низ Карпош е најпростачкиот начин за пресметка со граѓаните. Наместо да си ја вршат својата работа, институциите ни прават саботажа. Граѓаните на Карпош не заслужуваат да им смрди под носот, ниту пред колективните згради ниту пред куќите. Господине премиере, имаш министер за локална самоуправа, имаш министер за екологија, ја водиш државата и имаш двотретинско мнозинство. Наместо да се занимавате со игри и пресметки, најдете решенија! – порача Јакимовски.

Тој додаде дека нема да молчи и дека ќе продолжи да зборува гласно за секоја неправда кон Карпош и кон неговите граѓани.

(А. П.)    

ИЗДВОЕНИ