Со традиционалниот поздрав до публиката – високо кренати главици кромид во рацете на екипата и волонтерите и годинава во Куршумли ан во Скопје се отвори Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“. Годинашново 16. издание на фестивалот под мотото: „Кому му е гајле за реалноста?“ започна синоќа со проекција на долгометражниот документарец „Само на земјата“ на Робин Петре, актуелен филм за шумските пожари во Европа, во време кога и Македонија се бори со огнената стихија речиси секое лето, во последните неколку години.

На отворањето на „Македокс“ се обратија Сара Феро и Дарко Набаков, кои упатија благодарност до публиката присутна во Куршумли ан.

– Во овие осум дена, на пет различни локации ќе можеме заедно да погледнеме повеќе од 75 филмови, да учествуваме во бројни дискусии со авторите по проекциите, да бидеме дел од два мастер класа, две изложби, пет дискусии под смоквата, три дена со документарнaта индустрија и, секако, да слушнеме многу ноќни приказни – рече Сара Феро, раководител на индустри-програмата на „Македокс“.

Извршниот директор на фестивалот „Македокс“, Дарко Набаков, пак, посочи дека живееме во време во кое вистината се менува побрзо отколку што можеме да ја сфатиме.

–Време кога границата помеѓу фактите и фикцијата станува сè потенка. Затоа потребата да гледаме на работите внимателно, креативно, критички и со грижа никогаш не била поголема – рече Набаков.

Двајцата изразија особена благодарност до две иницијативи, од каде што, како што рекоа, „одлучиле да берат гајле за сите нас, а не само за себе“. Најпрвин за „Сапорт Кочани“ (SupportKochani), за сè што направија за повредените од трагедијата во Кочани, и потсетија дека сметките за донација остануваат отворени. Втората благодарност, пак, им ја упатија на луѓето од „Спас за Дошница“, кои, како што додадоа, неуморно се грижат да живееме во здраво и природно опкружување.

На програмата на отворањето пред проекцијата на „Само на земјата“, беше прикажан и краткиот документарец „Бардо“ на чешката авторка Вјера Чакањова. Во музичкиот сегмент акустичен концерт одржа гитаристот Мухамед Ибрахими, додека полноќната музичка програма продолжи со диџеј-сет на Шурбе.

Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ ќе трае до 28 август со програма распоредена во Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, МКЦ и „Лабораториум“ во Скопје. На фестивалот се очекува присуство на околу 100 гости од странство.

ИЗДВОЕНИ