Во основните училишта „Рајко Жинзифов“ и „Кирил Пејчиновиќ“ во Општина Кисела Вода се набавени компјутери, печатачи и телевизори, како дел од континуираните активности за унапредување и модернизација на наставата.
– Во периодот на зимскиот распуст, училиштата се опремуваат со нова информатичка опрема, со цел учениците да го започнат второто полугодие со поквалитетна настава и со полесен пристап до дигиталните содржини. Со оваа инвестиција, Општина Кисела Вода уште еднаш ја потврдува својата определба за дигитализација на образованието и за создавање современи услови за учење – соопштија од локалната самоуправа.
Градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска истакна дека целта е децата да учат во современи и опремени училишта, каде што ќе може да стекнуваат знаења и дигитални вештини неопходни за нивниот понатамошен развој.
– Компјутерите, печатачите и телевизорите што ги обезбедивме во училиштата „Рајко Жинзифов“ и „Кирил Пејчиновиќ“ се уште еден конкретен чекор во таа насока. Учениците, по зимскиот распуст, ќе бидат пречекани со значително подобри услови за настава – изјави Стаменкоска-Трајкоска.












